6 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА КОЧАН, 3 ГОДИНИ ЗА АВИРОВИЌ ВО „ТРУСТ“

    6 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА КОЧАН, 3 ГОДИНИ ЗА АВИРОВИЌ ВО „ТРУСТ“Бизнисменот Сеад Кочан со адвокатите при изрекувањето на пресудата во Основниот суд Скопје 1. (Фото: К. Попов)

    Сеад Кочан за кривично дело „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, во Основниот суд Скопје 1 е неправосилно осуден на казна затвор од шест години во предметот на СЈО „Труст“.

    Василије Авировиќ, кој не дојде на изрекување на пресудата со образложение дека не се чувствувал добро, за истото дело судијката Лидија Зимбовска го осуди на три години затвор. Третообвинетиот Сафет Ватиќ се ослободува од обвинение.

    Двајцата се осудени за добивање на незаконски тендер од 2011 година распишан од државната фирма „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) за ископување јаловина и јаглен од рудникот Суводол во Битола. Здружени во конзорциум, тројцата доставиле фалсификувани документи за сопственост на механизација и за кадровска екипираност и така го добиле тендерот на ЕЛЕМ вреден 1,06 милијарди денари или 17.235.772 евра.

    Во „Труст“ беа обвинети и три правни и три физички лица. Станува збор за фирмите „Трансмет“ од Скопје, „Силекс“ од Кратово и „Вато“ од Студеничани. „Трансмет“ и „Силекс неметали“ се казнети со парична казна од по 2 милиони денари и забрана да учествуваат тендери три години. Ќе им се конфискува имот во вредност на тендерот од 17 милиони евра.

    Тие на тендерот на ЕЛЕМ му доставиле лажна документација во која прикажале наводна сопственост на тешка механизација за ископување, која ја немале и не ја набавиле, а таа што ја имале била со помал капацитет.

    Кочан лани два месеца беше во бегство откако доби притвор. Според граничната полиција, Кочан излегол од Македонија на 9 март, 2017, еден ден откако му беше одредена мерката притвор, иако неговиот адвокат Никола Додевски цело време тврдеше дека заминал на службен пат пред да му биде одреден притворот и затоа тоа не било бегство.

    Врховниот суд го спаси Кочан од притвор во мај лани, откако обвинителот Ацо Колевски поднесе Барање за заштита на законитоста (БЗЗ) со кое се замеша во работата на Специјалното обвинителство. На барање на СЈО, Кривичниот и Апелациониот суд Скопје му одредија притвор на тогаш осомничениот во „Труст“ Кочан. Веднаш петчлениот Кривичен совет на Врховниот под раководство на Јово Вангеловски постапи и најде неправилности во одлуките на двата пониски суда, по што му ја укина мерката притвор. Кочан по оваа одлука на Врховниот суд иницирана од Колевски, се врати од бегство, а судот ја прифати понудената гаранција од милион евра дека ќе остане во Македонија и нема пак да избега.

    Обвинителот Ацо Колевски на 16 февруари годинава стана член на телото кое ќе именува и разрешува обвинители, со шест гласа „за“ го избраа членовите на Републичкото јавно обвинителство, од чиј ред доаѓа Колевски.

    Вработените во фирмите на Кочан, меѓу кои и оние во неговата телевизија ТВ Нова, цело време додека траеше постапката демонстрираа пред СЈО и пред Судот. ТВ Нова сега отиде во стечај, а вработените го тужат за неисплатени плати и за психичко малтретирање.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари