60 АДМИНИСТРАТИВЦИ ОДАТ НА ПОМОШ ВО ЗДРАВСТВЕНИОТ ИНПЕКТОРАТ ДА ПИШУВААТ РЕШЕНИЈА ЗА ИЗОЛАЦИЈА

    60 АДМИНИСТРАТИВЦИ ОДАТ НА ПОМОШ ВО ЗДРАВСТВЕНИОТ ИНПЕКТОРАТ ДА ПИШУВААТ РЕШЕНИЈА ЗА ИЗОЛАЦИЈАВработени во Инспекторатот по цел ден пишуваат решенија за изолација, но по зголемениот број на случаи не можат да постигнат. (Фото: К. Попов)

    Шеесетина административци ќе бидат прераспределени да им помагаат на вработените во Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) во изготвувањето и издавањето на решенијата за изолација.

    Од Инспекторатот велат дека поради големиот број нови случаи на ковид-19, инспекторите од пишување решенија не можеле да ги извршуваат тековните  работни обврски на институцијата и инспекциските надзори, па затоа побарале помош од Владата.

    „Динамиката на издавање на решенијата за позитивни лица е 24 часа од моментот на нивното објавување во списокот на позитивни кои се доставува до ДСЗИ од страна на Институтот за јавно здравје. Решенијата за контакти по се издаваат по добивање на епидемиолошки анкети од регионалните центри за јавно здравје. За да се издадат овие решенија, од кои зависи понатаму целиот систем на контрола на нивното лекување и движење, ангажирани се сите инспектори со кои располагаме. Но, поради зголемениот број на новозаразени секој ден, се обративме  до Владата да ни обезбеди  помош од човечки ресурси- административни работници кои би ги изготвувале и испраќале решенија. Обезбедување на административни службеници е веќе во тек и ќе се овозможи непречено извршување на тековните работни обврски кои се во надлежност на Инспекторатот“, вели директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова-Бухова.

    Последниот месец откако бројот на новозаболени се зголеми, пациенти кои се позитивни на ковид-19 се жалат дека им доцнат решенија за изолација. Лица кои биле во контакт со позитивен и се посочени како контакт и треба да бидат во изолација воопшто не добиваат решение и не можат да го регулираат отсуството од работа.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира