Вработените од јавната адмиинистрација кои работеле од дома можат да ги искористат ланските одмори, а за искористен одморот ќе им се смета на оние административци кои со Уредба на Владата беа ослободени од работни обврски и додека седеа дома.
Од Министерството за информатика и јавна администрација велат дека вработените не биле ослободени од своите тековни обврски, туку работеле од дома по препораката на Владата согласно насоките за спречување на ширење на Ковид-19.
„Согласно Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, вработените во јавниот сектор кои се работно ангажирани за времетраење на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирус КОВИД – 19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година може да го искористат до 31 мај 2020 година“, одговорија од Министерството на прашањето дали Владата ќе им забрани доискористување на ланските одмори на административците кои повеќе од еден месец не одеа на работа.
За одобрување на одморите ќе одлучува секој раководител посебно, согласно потребите на институцијата.
Од Министерството велат дека според Уредбата на Владата, на вработените во јавниот сектор кои се ослободени од извршување на работа и работни задачи, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година им се смета за искористен. Станува збор за административци кои биле ослободени од работни обврски и дома, главно затоа што ги чувале децата.
А. АНТЕВСКА