Во жалбена постапка за враќање на македонскиот пасош на првоосомничениот во „Империја“ Орце Камчев, откако судијата Весна Димишкова од Кривичниот суд во декември одбила да му го врати за 2,2 милиони евра, адвокатите денеска пред Апелациониот суд Скопје кажаа дека ја зголемиле гаранцијата за уште 900 илјади евра, а на судиите им оставија ако сакаат, и да ја зголемат, само да му го вратат.
Тие во прилог на нивното барање ги уверуваа судиите дека Камчев не бега, бидејќи тоа го докажал, кога го имаше времениот пасош што му го даде претходно Катица Јанева.
Вишиот јавен обвинител Јован Цветановски, пак рече дека останува на аргументите кои пред Кривичниот суд ги дало Обвинителството за организиран криминал, односно обвинителката Лиле Стефанова, дека мерката треба да остане, поради опасност од бегство. Но, рече дека не може ништо друго да додаде, бидејќи истрагата трае долго и тој не знае во моментов до каде е стасана.
Сепак, Цветановски укажа на чудниот предлог на Камчев и на одбраната пасош да бара назад со понудена гаранција. Рече дека гаранција се нуди за притвор, а не за пасош. Принципиелно, пак, одземање пасош е поблага мерка, а прифаќање гаранција според законот е пострашна мерка за еден осомничен или обвинет. Нелогично за него е како во случајов Камчев бара за себе пострашна мерка, настрана тоа што и обвинителството и судот со Устав и со Законот за кривична постапка (ЗКП) се обврзани секогаш за обвинето или осомничено лице да прифаќаат поблаги мерки, а не обратно како во случајов.
Вкупната гаранција што ја нуди Камчев да си го врати пасошот е 3.100.000 евра, а судијата известител, читајќи сиже од досегашната истрага, кажа дека обвинителството досега утврдило дека со серијата кривични дела од финансискиот криминал, Камчев и направил штета на државата од 14 милиони евра.
Одбраната ја спореше и одлуката на судија Димишкова да не му го врати пасошот на Камчев, зашто одлучила додека уште не била завршена жалбената постапка против тоа што претседателот Иван Џолев одбил да ја изземе неа од овој предмет.
Тука Цветановски реплицираше дека таа не била суспендирана да носи одлуки, додека адвокатите пишувале жалба против одлуката на Џолев да ја остави во „Империја“.
Тројцата апелациони судии дополнително ќе донесат одлука за пасошот со милионската гаранција.
С. К. ДЕЛЕВСКА