АДВОКАТОТ ДАУТИ KOЈ ЛАНИ ГО ОДДОЛЖИ „ТНТ“ СО БАРАЊЕТО ЗА ПРЕВОД НА АЛБАНСКИ, СЕГА СИ СТАНА СРЕД СУДЕЊЕ И ДОБИ КАЗНА ОД 4.000 ЕВРА

    АДВОКАТОТ ДАУТИ KOЈ ЛАНИ ГО ОДДОЛЖИ „ТНТ“ СО БАРАЊЕТО ЗА ПРЕВОД НА АЛБАНСКИ, СЕГА СИ СТАНА СРЕД СУДЕЊЕ И ДОБИ КАЗНА ОД 4.000 ЕВРА„Напуштам, како и да одлучите да ме казните“, рекол Даути и си заминал од судењето за уривањето на Космос на Фијат Цаноски. (Фото: СДК.МК)

    Адвокатот Мерџан Даути, кој лани ова време успеа да го одолговлечи предметот ТНТ за дигање во воздух на објектот Космос со динамит, по нарачка на бегалецот Никола Груевски, денеска стана од среде судење, успеа да го прекине рочиштето, но доби казна од 4.000 евра од судијата Огнен Ставрев.

    „Адвокатот Даути кажа дека имал друго судење и побара да се прекине денешното рочиште. Тој беше предупреден дека денешното рочиште е уредно закажано и оти ако самоволно го напушти, ќе следува санкција против него. Даути одлучи да замине и со тоа го прекина судењето. Го казнив со парична казна од 4.000 евра, но и да ги плати трошоците за денешната расправа“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Огнен Ставрев, главниот судија што го води процесот.

    Даути пред да си стане и да си оди од ТНТ, рекол: „Напуштам, како и да одлучите да ме казните“.

    Судењето ТНТ во кој покрај Груевски се обвинети и Миле Јанакиески и Тони Трајковски, како и неколкумина вработени од општина Гази Баба, завршуваше првиот пат и лани ова време. Но првин на 4 ноември лани одненадеж една од обвинетите од Гази Баба го одјави адвокатот Димитар Дангов, го најми Даути. Неколку рочишта беа одложени за да се запознаел со предметот и набргу почна да инсистира целиот предмет да му се преведе на албански.

    На ова судијата Огнен Ставрев му поднесе дисциплинска постапка до Адвокатската комора, пријавувајќи го и дека намерно го одолговлекува судењето кое беше пред пресуда, но и дека незаконски ја добил адвокатската лиценца, бидејќи услов за неа е познавање на македонскиот јазик.

    Бидејќи обвинетите го имаа дознаено роденденот на една под поротничките, која требаше да оди во старосна пензија, тие продолжија со одолговлекувањето. Обвинетиот ексградоначалник одненадеж беше нападнат од непознат сторител на кејот на Вардар, а потоа тврдеше дека има психички трауми од настанот. Судските рочишта се одлагаа, поротничката замина во пензија, судењето се врати отпочеток, ама од нула, со воведни зборови.

    И покрај пандемијата со коронавирус, и покрај тоа што обвинетите не се согласија при повтореното судење да се читаат изјавите на сведоците, за да не се губи време со нивно повикување во судот за нешто кое веќе го кажале, сепак ТНТ влезе во третата четвртина.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира