Невработените се жалат дека Агенцијата за вработување им испраќа заканувачки пораки при повиците за учество на обука. Агенцијата вели дека тоа го прави за нивно добро, да ги потсети на законската обврска дека ако двапати не дојдат на повик ќе бидат избришани од евиденцијата.
Невработени лица реагираа до САКАМДАКАЖАМ.МК дека ја добиле следнава порака на смс или е-пошта: „На 12.10.2016 во 14 часот задолжително јавете се во ЦВ Скопје, кај службеникот, заради учество во обука. Доколку неоправдано не се јавите на поканата, следува бришење од евиденцијата на невработени“. Тие велат дека кога отишле во Центарот за вработување во Скопје во споменатиот термин, сфатиле дека не станува збор за обука туку за презентација на проекти и мерки на Агенцијата за вработување.
„Повеќемина од повиканите невработени беа револтирани што на презентација се повикуваат со закана дека ќе бидат избришани од евиденција. Кога реагираа кај вработените во Центарот, тие им рекоа дека не можат да го сменат текстот на пораката и ги упатија да дадат претставка до директорот“, велат во реакцијата невработените лица и додаваат дека поради таа закана во пораката, се создала нервозна атмосфера и вработените од Центарот не успеале да ја завршат својата работа, па презентацијата била неуспешна. Со тоа, невработените останале покуси за евентуално корисни информации.
На прашањето од САКАМДАКАЖАМ.МК кој одлучува за текстот на пораките што се праќаат кај невработените и зошто со закани се повикуваат невработени за презентација, во Агенцијата за вработување не даваат директен одговор туку велат:
„За конкретниот случај за кој прашувате, информирањето преку смс пораки претставува најбрз начин за покана на невработените лица за тековно запознавање со повеќе сет мерки и услуги кои ги реализираме. Инаку согласно член 55 и член 59-а од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, невработеното лице е должно на известување од Агенцијата за вработување да се јавува на покани, известувања, упатувања и да контактира со работните клубови во Агенцијата за вработување, а доколку не се јави два пати по ред се брише од евиденција. За овие законски одредби Центрите за вработување задолжително ги известуваат невработените лица“.
Агенцијата не одговори и на прашањето дали се води сметка на кој профил невработени и за што се праќаат пораки, особено овие со закани, како и дали и какви мерки ќе преземе за оваа практика да се смени. Место конкретен одговор добивме објаснување дека „Агенцијата за вработување на Република Македонија во интерес на невработените лица спроведува низа мерки и програми за вработување и самовработување како и услуги за преквалификација и доквалификација кои би им помогнале полесно да се вклучат на пазарот на труд. Невработените лица постојано се информираат за нашите мерки, програми и услуги преку отворените денови на Центрите за вработување, веб страната на Агенцијата, директно во Центрите за вработување и работните клубови“.