АКО ЕУ ДОЗВОЛИ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ДА БИДЕ ПРЕЧКА, ТАА НЕ ЈА ЗАСЛУЖУВА ПРИДАВКАТА ЕВРОПСКА, КАЖА ДИМИТРОВ

    АКО ЕУ ДОЗВОЛИ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ДА БИДЕ ПРЕЧКА, ТАА НЕ ЈА ЗАСЛУЖУВА ПРИДАВКАТА ЕВРОПСКА, КАЖА ДИМИТРОВ„Сите што сакаат да го видат македонскиот народ блиску и пријателски, мора да нè прифатат кои сме и каков јазик зборуваме, ние сме Македонци и зборуваме македонски јазик“, изјави Димитров во Прилеп. (Фото: Фејсбук)

    Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров кажа дека Европската унија не смее да дозволи македонскиот јазик да биде пречка за нашата интеграција, на одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ во Прилеп. Тој кажа дека ако тоа се случи, нема да може да се верува на таква Европска унија.

    „Една работа ќе кажам. Мислам дека е не е европски македонскиот јазик да стане пречка на нашата европска иднина и интеграција. Ако Европската унија дозволи на некој начин ова да биде пречка за нашата интеграција, тогаш таа нема да ја заслужи во своето име придавката ‘европска’ и не знам дали ќе можеме да веруваме на ваква европска унија. Нема пријателство без заемна почит. Сите што сакаат да го видат македонскиот народ блиску и пријателски, мора да нè прифатат кои сме и каков јазик зборуваме, ние сме Македонци и зборуваме македонски јазик“, изјави Димитров.

    Вицепремиерот додаде дека никој друг на светов, ниту една друга држава, ниту соседна ниту подалечна, ниту меѓународна организација нема право да се меша во нашето право на самоопределување.

    Во март Европската унија донесе одлука за безусловен почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и се очекува меѓувладината конференција да се одржи до крајот на годината, за време на германското претседателство. Бугарија во септември испрати објаснувачки меморандум до земјите членки на ЕУ, во кој тврди дека македонскиот јазик не постои и е дијалект на бугарскиот јазик.

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира