АКО ИМА КОРУМПИРАНИ МЕЃУ ВАС, САМИ ТРЕБА ДА ГИ ОТСТРАНИТЕ, ИМ КАЖА ХОЛАНДСКИОТ АМБАСАДОР ЈАН КОП НА СУДИИТЕ

    АКО ИМА КОРУМПИРАНИ МЕЃУ ВАС, САМИ ТРЕБА ДА ГИ ОТСТРАНИТЕ, ИМ КАЖА ХОЛАНДСКИОТ АМБАСАДОР ЈАН КОП НА СУДИИТЕ„Прашајте се себеси судија, каде одите?“, вели холандскиот амбасадор Јан Коп. (Фото: СДК.МК)

    Холандскиот амбасадор во Скопје Дирк Јан Коп вели дека македонските судии треба да се обидат да сфатат зошто има толку ниска доверба во судството и да направат нешто во врска тоа. Зборувајќи на онлајн конференција за одбележување на Денот на правосудството – 31 март, тој им порача на на судиите дека ако има корумпирани меѓу нив, треба сами да ги отстранат, бидејќи имаат механизми затоа, и ако имаат притисоци од политичари и бизнисмени, треба да кажат кои се тие.

    „Прашајте се себеси судија, каде одите? За нас, Холандија, одговорот е јасен, во Европската унија. И ние сме подготвени да ве поддржуваме на тој пат. Но, ние исто така сакаме да видиме посилна посветеност од вас. Граѓаните на Северна Македонија ве гледаат со критички очи, и не е можна промена ако и вие немате сличен пристап. Обидете се да сфатите зошто има ниска доверба во судството и да делувате. Ако е бавна испорака на правдата, бидете поефикасни. Ако има корумпирани меѓу вас кои му даваат лоша репутација на целиот сектор, отстранете ги, имате механизми да го направите тоа. Ако има политичари и бизнисмени кои ви вршат притисок, откријте ги кои се тие. Ако има дупки во законите, зборувајте со владата и парламентот и побарајте подобри закони. Ако има други причини, бидете транспарентни во врска со нив. Со проактивност ќе ја смените не само судиската култура, туку и перцепцијата на јавноста. Судиите сегде, и во мојата земја, развиваат судиска култура заедно. Тие работат на еднакво спроведување на законите, понатамошно развивање на саморегулацијата и засилување на професионалната независност и интегритетот. Ова не значи дека нема улога за владата со обезбедување на буџет и за парламентот да носи закони, но клучот за одржливи реформи е во имплементацијата“, кажа амбасадорот Коп во обраќањето на конференцијата.

    Претходно, на 24 март, американската амбасадорка Кејт Брнз на меѓународна судиска конференција кажа дека македонските граѓани немаат доверба во судството. Таа се повика на неодамнешна анкета на „Еуротинк“ дека само 8 отсто од граѓаните имаат доверба во судството и рече дека за да се врати довербата потребно е граѓаните да видат дека системот функционира.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира