Премиерот Христијан Мицкоски денеска кажа дека ако јавноста е против со паркингот на Клинички центар да стопанисува фирмата од Албанија „Ѓока“, тогаш Владата нема да го потпише договорот. Премиерот кажа дека одредени медиуми шират невистини и конструкции и обвинувале неосновано.
„Прво, направена е физибилити студија и таа така кажала и ние не можеме да одиме спротивно на тоа. Второ, беше распишан јавен оглас, на кој се јави само една компанија. И трето, ние немаме ништо потпишано. Ако јавноста е против, а гледаме дека е против, тогаш нема ниту да потпишуваме“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Свети Николе.
Мицкоски кажа дека целта на Владата била да се решат хаосот и гужвата на Клиничкиот центар.
„Еве, нека направи ЈП ‘Градски паркинг‘ ред, јас немам ништо против. Нека кажат тие експерти како треба да се реши хаосот, оти сега вака е безредие“, додаде Мицкоски.
„Призма“ на 6 март објави дека компанијата „Ѓока констракшн“ од Албанија ќе стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар во Скопје. Министерот за здравствп Арбен Таравари за БИРН потврдил дека оваа албанска фирма со јавно-приватно партнерство ќе стопанисува со паркингот во наредните 20 години. На огласот кој беше распишан на 15 ноември се јавила само „Ѓока констракшн“, која е формирана во Тирана во 1994 година, а од 2022 има регистрирано подружница и во Скопје.
Таравари вчера кажа доколку биде потпишан договорот, цената на паркингот ќе поскапи од 30 на 50 денари.
Со паркингот на Клинички сега стопанисува ЈП „Градски паркинг“, на кој договорот му истече во 2023.
А. АНТЕВСКА