АКО НЕ УСПЕЕ РЕФЕРЕНДУМОТ, СИТЕ ЌЕ ДИГНАТ РАЦЕ ОД ВАС, ВЕЛИ НИМИЦ

    АКО НЕ УСПЕЕ РЕФЕРЕНДУМОТ, СИТЕ ЌЕ ДИГНАТ РАЦЕ ОД ВАС, ВЕЛИ НИМИЦКаков и да биде резултатот од референдумот на 30 септември, Нимиц вели дека за него е затворено поглавјето за спорот за името. - Нимиц и Димитров на 1 февруари (Фото: СДК.МК)

    Одбивањето на Договорот од Преспа за решавање на спорот за името со Грција би можело да се толкува како порака до светот оти не сме заинтересирани за решение, не сме заинтересирани за ЕУ процесите, не сме заинтересирани за НАТО, вели посредникот на ОН во спорот за името со Грција Метју Нимиц во интервју за БИРН.

    „Остатокот од светот ќе каже: ‘ОК, овие луѓе не се заинтересирани да решат што било, па зошто тогаш ние да се грижиме?’ Па така, ќе поминат многу, многу, години пред нешто да се реши во овој дел, ако сега се одбие предлогот“, вели медијаторот во спорот за името Метју Нимиц.

    Каков и да биде резултатот од референдумот на 30 септември, Нимиц го затвора поглавјето за спорот за името со Грција.

    „Се надевам дека договорот ќе се одобри во двете држави, но во секој случај, јас повеќе нема да се занимавам со ова. Се разбира, секогаш ќе бидам врзан за овие две земји на посебен начин, но повеќе нема да бидам одговорен, да се грижам за ова прашање“,рече Нимиц.

    Во интервјуто за БИРН, Нимиц раскажува како поранешниот Генерален секретар на Обединетите Нации, Бан Ки Мун, му рекол веднаш да го реши спорот за името, бидејќи не можел повеќе да се наоѓа во ситуации кога треба да го изговори целото име на државата

    „’Не можам повеќе, на состанок реков Поранешна Југословенска Република Југославија и сите ми се смееја. Мораш да го решиш ова.’ Му реков веднаш ќе го решам,“ се смее Нимиц.

    За него, идејата за долготрајно чекање за решавање на спорот била многу ризична.

    „На оние во вашата држава што велат ‘ајде да почекаме, да оставиме уште неколку години, ќе имаме подобар договор во иднина’, jас им велам ‘Не знаете тогаш каде ќе биде ЕУ, дали ќе сакаат уште една членка, дали ќе сакаат тоа да биде вашата држава, не знаете каде ќе биде НАТО, не знаете што ќе се случи во Грција со смената на власта, не знаете што ќе се случи во регионот“.

    Медијаторот Нимиц во интервјуто вели дека не точно дека идентитетските прашања никогаш не биле предмет на разговорите.

    „За прашањето за името луѓето зборуваа бидејќи името на државата беше доминантно прашање, но историчарите, кога ќе влезат во процесот, ќе најдат многу, многу документи и предлози што се занимаваат со овие прашања“, вели тој.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира