Ако некој има какви било снимки од инцидентот на полицајката со функционерот на ДУИ Беќир Хасани, да ги достават до МВР, кажа денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Снимките кои ги има од камерите кои се на Град Скопје веќе се обработуваат и ќе бидат доставени, а доколку има било какви други снимки да се достават до МВР за да се документира случајот и да се расчисти до крај. Одговорно тврдам дека тоа што беше вчера соопштено е документирано и е предадено во Јавното Обвинителство и МВР стои на располагање да го расветлиме случајот ако имаме било какви нови материјали и докази кои ќе кажат дека нешто поинаку се случило. Тоа ќе биде добро и за постапувањето на полицајците во иднина“, рече Спасовски во одговор на новинарско прашање по промоцијата на нови кандидати за полициски службеници во Центарот за обука во Идризово.
Спасовски кажа дека веднаш по настанот земени се службени белешки од полицаецот кој постапувал и од неговите колеги кои биле на местото на настанот и тој материјал, нагласи, е предаден на ОЈО, а воедно е поднесена и прекршочна пријава за омаловажување на полицаец.
Полицајката која во четвртокот беше нападната од функционерот на ДУИ Асани бидејќи Пајак служба му го кренала непрописно паркираното возило, вчера на средба со министерот Спасовски изјавила дека имала само вербална расправија и сама се удрила во возилото на Пајак службата.