АКО НЕЗАВИСНИТЕ КАНДИДАТИ НАВИСТИНА ИМААТ ПОДДРШКА, ЌЕ НАЈДАТ ПОТПИСИ ОД 2% ОД ИЗБИРАЧИТЕ ВО ОПШТИНАТА, ТВРДИ МАРИЧИЌ

    АКО НЕЗАВИСНИТЕ КАНДИДАТИ НАВИСТИНА ИМААТ ПОДДРШКА, ЌЕ НАЈДАТ ПОТПИСИ ОД 2% ОД ИЗБИРАЧИТЕ ВО ОПШТИНАТА, ТВРДИ МАРИЧИЌПредлогот на министерот бил 1 отсто, но бил пресретнат од 5 и од 3 отсто потписи од регистрираните гласачи во општината, па се дошло до компромис од 2 отсто потписи за учество на локалните (Фото:СДК.МК)

    Министерот за правда Бојан Маричиќ на денешниот брифинг со новинари прашан за нефер потегот на големите партии кои се договориле во очи локалните избори да го сменат Изборниот законик и да ги условат независните кандидати да мора да обезбедат потписи од 2 отсто од гласачите во општината, за да може да се кандидираат, кажа дека тоа не е недостижна бројка.

    „Не се недостижни два процента потписи од вкупниот број запишани избирачи во една општина, за учество на локалните избори, ако независните кандидати навистина имаат поддршка“, смета Маричиќ.

    Изборниот законик, заедно со новиот модел со полуотворени листи што се планира да стартува на локалните избори наесен, усвоен е од Владата по претходен договор на парламентарните партии. Маричиќ кажа дека веќе денеска група пратеници треба да го предложат во Собранието.

    Првичниот предлог на Министерството за правда бил процентот за учество биде 1 отсто, но на тоа, партии што не сакаше министерот да ги именува, ускокнале со предлози од 5 и од 3 отсто потписи обезбедени, заверени на нотар и поднесени во ДИК. Компромис бил постигнат на 2 процента.

    Според него, има препорака од ОБСЕ која треба да се спроведе, а тоа е во сите општини прагот за учество на независните кандидати за локалните избори, да се воедначи.

    Се воведува и новина во изборниот модел, која не е препорака на ОБСЕ. Во овие преговори биле вклучени и малите партии.

    Според овој модел, граѓаните за првпат ќе имаат можност да гласаат и за партијата, и за еден од кандидатите на советничката листа на таа партија. Прагот за да биде избран еден советник е да го заокружиле неговото име најмалку 3 проценти гласачите во општината.

    Ако граѓанин ја заокружи само партијата, гласот оди на конто на партијата, па со пропорционален модел, тие гласови ќе се прелеваат на кандидатите по редослед како што се наведени на листата на советници.

    Ако граѓанинот заокружи повеќе кандидати за советници, гласачкото ливче ќе биде неважечко само во тој дел, а гласот за партијата ќе си се важи.

    Ако само еден советник добие 3 %, на останатите им се прелеваат гласовите од партијата, по редослед како се наредени на листата.

    Попладнево, со 85 гласа „за“, 2 „против“ и 5 „воздржан“ Собранието ја изгласа потребата за измените да се носат по скратена постапка.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира