АКО САКАШЕ НЕКОЈ ДА ГО УБИЕ ЗАЕВ, ЌЕ ГО УБИЕШЕ, ИЗЈАВИ НИКОЛА ГРУЕВСКИ

    АКО САКАШЕ НЕКОЈ ДА ГО УБИЕ ЗАЕВ, ЌЕ ГО УБИЕШЕ, ИЗЈАВИ НИКОЛА ГРУЕВСКИНасилството е обид за убиство со умисла, а главни иницијатори за тоа се Никола Груевски, Ѓорѓе Иванов, Трајко Велјановски, Митко Чавков и нивните соработници, изјави претседателот на СДСМ - Зоран Заев по евакуацијата од Собранието (Фото: СДК.МК)

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги одби обвинувањата на лидерот на СДСМ Зоран Заев дека во четвртокот се случил организиран обид за негово убиство.

    „ Ако сакаше некој вчера да го убие Заев, ќе го убиеше“, рече Никола Груевски во интервју на ТВ Телма и објасни: „Во салата имаше 100-200 луѓе, на неколку метри, ако дошле со помисла да го убијат, можеа да го убијат. До него стоеја. Така што не е точно дека некој сакал да го убие, туку најверојатно луѓето ги понел револтот“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

    Тој ги обвини СДСМ и Зијадин Села дека нивните постапки и реторика ги револтирала демонстрантите што полицијата ги пушти да дивеат во Собранието.

    Тој кажа дека за време на протестите досега едно цвеќе не било згазено, „а она што се случи вчера, во голема мера го детерминираше СДСМ со неговите постапки“.

    „Зошто на пример одбраа точно во 18 часот да бираат претседател на Собрание, зошто не во 14 часот, кога знаеја дека во 18 часот луѓе надвор протестираат?“, праша Груевски, а за Зијадин Села иако не го спомена неговото име забележа: „Чија реторика ја разгоре масата? Ајде да не зборувам, човекот е во болница. Но, тој човек зборуваше дека Македонците немаат корен и слично“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во интервју на ТВ Телма.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира