АКО САМ НЕ ДОЈДЕ ВО ШУТКА, ГРУЕВСКИ НАЈРАНО В СРЕДА ВО СУДОТ ЌЕ ГО ДОБИЕ РЕШЕНИЕТО ЗА ЗАТВОР

    АКО САМ НЕ ДОЈДЕ ВО ШУТКА, ГРУЕВСКИ НАЈРАНО В СРЕДА ВО СУДОТ ЌЕ ГО ДОБИЕ РЕШЕНИЕТО ЗА ЗАТВОРСредата на 14 ноември е всушност единствениот ден оваа недела кога Груевски има судско рочиште и мора да дојде, за да не биде присилно спроведен; - Затворот Шутка (Фото: Ѓ. Личовски)

    Ако судскиот доставувач, кој три пати не го најде на адресата по лична карта, реши да го начека осудениот експремиер Никола Груевски во ходниците на Кривичниот суд како минатиот пат кога му го врачи решението за затвор, тоа ќе може да го стори дури в среда, 14 ноември. Тоа е всушност единствениот ден оваа недела кога Груевски има судско рочиште и мора да дојде, за да не биде присилно спроведен.

    Имено, рочиштето за тешки изборни нерегуларности во случајот на СЈО „Титаник“, каде Груевски е обвинет за злосторничко здружување и за други кривични дела, нема да се одржи в понеделник, поради зафатеност на големите судски сали во новиот, но и таа во стариот Основен суд Скопје 1. Од седум-осум претходно закажани рочишта за „Титаник“, минатата недела од оваа причина отпаднаа неколку и до крајот на ноември ќе се одржат вкупно пет.

    Но, Основниот суд Скопје 1 најави дека од понеделник изутрина продолжува да го бара Груевски да му го врачи на рака решението со кое веднаш треба да оди на издржување на двегодишната затворска казна. Судот остави простор и тој сам да се пријави на затворската порта во затоворт Шутка, за каде што му е упатниот акт.

    Судот не се изјасни што ќе се случи ако и од понеделник не го пронајде Груевски на пријавената адреса, до кога ќе го толерира и кога би побарал од МВР да распише потерница ако и натаму не го најде или не се пријави самиот в затвор.

    На Груевски како поранешен премиер, според законот му следува 24-часовна државна заштита од шестмина телохранители вработени во МВР. Но, Судот викендов не побарал асистенција од СВР Скопје за да го најде осуденикот. Полицијата, според процедурата, без налог на судот нема да го бара Груевски. Тоа значи дека воопшто нема ни да ги прашува шестмината вработени во Шестата управа на МВР кои го обезбедуваат како експремиер, каде е, зошто не е најден дома, дали им избегал и слично, додека Кривичниот суд не даде налог за такво нешто. Нивните шефови од МВР немаат законска надлежност да им се јавуваат и да ги прашуваат каде е, зошто не бил на адресата што ја пријавил, се додека не биде добиен налог од Судот.

    Пратеникот Груевски кој е член на собраниската комисија за уставни прашања викендов не се појави ни на седниците на кои се расправа за амандманите за промена на Уставот согласно Преспанскиот договор за името со Грција. Неговото членство во оваа комисија беше наведено како причина за одложување на затворската казната во жалбата до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1. Жалбата му е одбиена и требаше да се јави в затвор на 9 ноември.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира