ВЛАДАТА ЈА ПОВЛЕЧЕ ОДЛУКАТА ЗА СПОЈУВАЊЕ НА КОНЦЕСИИТЕ ЗА ИЛОВИЦА, АКО СЕ ДОНЕСЕ АКТ ДЕКА РУДНИЦИТЕ ВО СТРУМИЧКО СЕ ШТЕТНИ ЗА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, ВЕДНАШ ЌЕ ПОБАРАМЕ ДА СЕ ПОНИШТАТ, ВЕЛИ БЕКТЕШИ

    ВЛАДАТА ЈА ПОВЛЕЧЕ ОДЛУКАТА ЗА СПОЈУВАЊЕ НА КОНЦЕСИИТЕ ЗА ИЛОВИЦА, АКО СЕ ДОНЕСЕ АКТ ДЕКА РУДНИЦИТЕ ВО СТРУМИЧКО СЕ ШТЕТНИ ЗА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, ВЕДНАШ ЌЕ ПОБАРАМЕ ДА СЕ ПОНИШТАТ, ВЕЛИ БЕКТЕШИБектеши вели дека моментално не постои никаков акт со негативно мислење за рудниците (Фото: К. Попов)

    Владата се премисли и на вчерашната седница ја повлече одлуката донесена пред еден месец со која ги спои двете концесии на „Еуромакс“ за рудникот „Иловица-Штука“. Одлуката на Владата за повлекување била донесена едногласно. Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека Владата донела политичка одлука со која не се согласува но ќе ја почитува и спроведува. Тој е дециден дека Министерството за економија постапувало согласно законот кога станува збор за „Иловица“ и дека не ја фаворизирало странската компанија.

    „Ние како Министерство за економија, вчера гласавме но апстиниравме во поглед на одлуката на Владата. Ние не излегуваме во јавност за да кажеме дека нема да ја почитуваме бидејќи не сме убедени дека ова е вистинската одлука. Ние ќе направиме се што е во наша надлежност, моќ и можност да ја одбраниме оваа одлука“,рече Бектеши.

    Министерот за економија смета дека најдобриот начин да се спречи отворањето рудници во Струмичко е да се донесе владин акт со кој ќе се докаже дека тие ја уништуваат животната средина. На денешната прес-конференција, тој во детали ја објасни постапката со која од 2005 година наваму биле доделени двете концесии на иста компанија и кажа дека Министерството за економија никого не излажало, измамило или довело во заблуда околу одлуката за спојување на концесиите.

    „Моментално не постои никаков акт дека има негативно мислење за рудниците. Кога ќе се усвои таков акт, ние веднаш ќе донесеме предлог-одлука за раскинување на договорот со инвеститорот“, кажа Бектеши.

    Тој смета дека клучната грешка била донесена во 2016 година кога Владата на Никола Груевски не донела никаква одлука по предлогот за спојување на концесиите.

    „Ако концесиите се соседни, како во овој случај, концесионерот има право да побара нивно спојување. Министерството за екомонија доставило предлог-одлука за спојување на концесиите во 2016, но Владата тогаш пред изборите не донесе ни негатива, ни позитивна одлука, исто како и следната Влада. Ние сега се враќаме таму каде што бевме, не носиме ни позитивна, ни негативна одлука. Министерството за економија инсистира да има одлука, зашто тоа е подобро од непостапувањето на институциите. Во вториот случај постои голем ризик од арбитражна постапка“, кажа Бектеши.

    Тој додава дека сега се прави статус кво, што е добро и прифатливо зашто ќе се повторат сите процедури кои биле направени досега.

    „Ние веќе сме одзеле една концесија во 2019 поради некомплетна документација и таа одлука беше одбиена од судот. Ќе го донесеме истото решение и за втората концесија, но не сум сигурен дека тоа ќе го реши проблемот. На вчерашната седница на Владата не беше одбиена можноста за спојување на концесиите, само престана да важи претходното спојување. Така се вративме чекор назад“, кажа Бектеши.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира