АКО СЕКОЈ ГРАЃАНИН РАБОТИ ЗА ДРЖАВАТА, А НЕ САМО ЗА НЕЈЗИНИ ДЕЛОВИ, ТОА ЌЕ ДОНЕСЕ РЕЗУЛТАТ ЗА СИТЕ, РЕЧЕ АКАДЕМИК УРОШЕВИЌ НА ДОДЕЛУВАЊЕТО НА НАГРАДИТЕ „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“

    АКО СЕКОЈ ГРАЃАНИН РАБОТИ ЗА ДРЖАВАТА, А НЕ САМО ЗА НЕЈЗИНИ ДЕЛОВИ, ТОА ЌЕ ДОНЕСЕ РЕЗУЛТАТ ЗА СИТЕ, РЕЧЕ АКАДЕМИК УРОШЕВИЌ НА ДОДЕЛУВАЊЕТО НА НАГРАДИТЕ „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“Годинашни лауреати на оваа награда се академик Урошевиќ, уметникот Исмет Рамиќевиќ, кардиохирургот д-р Сашко Јовев и професорот Африм Османи. (Фото: МИА)

    Ако секој граѓанин на оваа наша заедничка држава ги исполнува на најдобар можен начин задачите што се поставуваат пред него, во рамки на одбраната професија, и притоа да ја има пред себеси како цел користа на целокупната наша државна заедница, а не само на некои нејзини делови, тоа ќе му донесе резултат, не само нему, како на поединец, туку и на колективот, сфатен во најширока смисла, рече денеска академик Влада Урошевиќ на доделувањето на државните награди „Св. Климент Охридски“ во Собранието, обраќајќи се во име на наградените.

    Во областа на воспитанието и образованието наградата ја доби универзитетскиот професор д-р Африм Османи, наградата за остварување во областа на културата и уметноста им припадна на писателот и академик Урошевиќ и на уметникот Исмет Рамиќевиќ, а наградата за остварување во областа на здравството на кардиохирургот професор д-р Сашко Јовев.

    Академик Урошевиќ рече дека се надева оти зближувањето, заемната доверба и искажувањето добра волја да се разбере другиот ја покажуваат и допрва ќе ја докажат својата длабока оправданост и целисходност и дека ќе се реализираат низ резултати што ќе им донесат благостостојба.

    „Секој од нас бил и сѐ уште е корисен член на нашето општество и секој со дејноста во својата област го дал својот удел во неговиот развој. Значајно е дека низ активностите остварени во рамки на своите професии сме дале докази за нашата подготвеност да ги надминеме етничките, верските и политичките разлики и да го насочиме својот труд или својата креативност кон заедничките цели“, рече Урошевиќ.

    Наградите на добитниците им ги врачи академик Газанфер Бајрам, претседател на Одборот за доделување на наградата, кој потенцираше дека оваа награда претставува бесценет камен во круната на признанија што се доделуваат кај нас.

    „Годишниве добитници покажуваат дека македонското образование, уметност и здравство имаат луѓе чии достигнувања можат да се гледаат и во светски стандарди“, рече Бајрам.

    Државната награда „Св. Климент Охридски“ се доделува за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност во земјава.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира