АКО СТЕ КОВИД ПОЗИТИВНИ СЕДЕТЕ ДОМА КАДЕ СТЕ БЕЗБЕДНИ, АПЕЛИРА Д-Р СОТИРОВА-БУХОВА ЗА СЀ ПОЧЕСТОТО НЕПОЧИТУВАЊЕ НА САМОИЗОЛАЦИЈАТА

    АКО СТЕ КОВИД ПОЗИТИВНИ СЕДЕТЕ ДОМА КАДЕ СТЕ БЕЗБЕДНИ, АПЕЛИРА Д-Р СОТИРОВА-БУХОВА ЗА СЀ ПОЧЕСТОТО НЕПОЧИТУВАЊЕ НА САМОИЗОЛАЦИЈАТАЗдравствените власти реагираат дека ковид позитивните намерно ги кријат контактите за да не одат во самоизолација. (Фото: К. Попов)

    „Седете дома, почитувајте ги мерките кои се на сила. Дома не сте сами, дома сте безбедни. Носете маски“, апелира директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) д-р Ирина Сотирова-Бухова. „Секој граѓанин кој се тестирал е обврзан да остане во самоизолација до добивање на резултатот. Во зависност од резултатот, останува во самоизолација или не“, вели д-р Сотирова-Бухова.

    Од почетокот на коронакризата, еден од најголемите проблеми за властите се пронаоѓањето на контактите, следењето на лицата во изолација како и непочитувањето на мерките и препораките за изолација. Во нашата редакција често стигнуваат реакции од граѓани за секакви ситуации за непочитување на изолацијата, по потврден тест на член на семејството.

    „Мажот има позитивен тест на ковид-19. Сопругата не се тестира бидејќи не влегува во алгоритам, и треба да плати приватно. Ги зема децата и оди кај мајка ѝ. А децата и двете одат и во школо и во градинка“, вели читателка која се обрати до редакцијата.

    Во друга реакција, соговорникот наведува дека има градови во државава каде има проблеми со непочитување мерки.

    „Позитивни одат на работа, со симптоми одат, не само по приватни фирми туку и по институции. Секаде сѐ молчи“, вели читател.

    Директорката Сотирова-Бухова вели дека решенијата на лицата кои се позитивни на ковид-19 се издаваат во рок од 24 до 48 часа од добивање на списоци на позитивни лица, кој на дневна основа го добиваат од Институтот за јавно здравје. Таа кажува дека доцнат решенијата на контакти на позитивни лица, поради доцнењето на епидемиолошките анкети од страна на Центарот за јавно здравје. Меѓутоа, забележува таа, во последно време се наметнува впечатокот на многу мал број на лица кои пријавиле контакти. На пример, на 475 позитивни, пријавени се 76 контакти.

    Здравствените власти постојано реагираат дека лицата намерно ги кријат контактите за да не одат во самоизолација, посебно ако се работи за член од семејството. Некои поради бизнис интереси, други поради нивната несовесност.

    „Се случува дури да изјават дека немале контакт со својот брачен другар, а живеат во иста куќа. После неколку дена се разболуваат. Коронавирусот не може да се скрие. Секој оној кој бил во контакт со болен во семејството има можност да заболи. Токму поради тоа изолацијата треба да биде прописна, онака како што е препораката и да се држи таа социјална дистанца и помеѓу членовите во семејството. Ковид позитивниот треба да е во посебна просторија и да нема контакти со останатите членови од семејството кои како сомнителни, не треба да излегуваат од домот за да се спречи можното ширење на инфекцијата на останатото население“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК  епидемиологот од Охрид д-р Јованка Стурлакова-Коровешоска на 14 ноември.

    „Сите да се однесуваме максимално одговорно, кон себе и кон своите најблиски. Почитувајќи ги протоколите и соодветните мерки, ќе придонесеме за намалување на трансмисијата на вирусот“, апелира директорката.

    Вкупно ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата е 70.883,  оздравени се 47.364, починаа 2.051, а активни случаи се 21.468 од кои главнината во Скопје.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира