ЗА ДА НЕ ОДАТ ВО ИЗОЛАЦИЈА ЗА КОВИД-19 ОХРИЃАНИ ЛАЖАТ ДЕКА НЕМААТ КОНТАКТ СО БРАЧНИОТ ДРУГАР ИАКО ЖИВЕАТ ЗАЕДНО

    ЗА ДА НЕ ОДАТ ВО ИЗОЛАЦИЈА ЗА КОВИД-19 ОХРИЃАНИ ЛАЖАТ ДЕКА НЕМААТ КОНТАКТ СО БРАЧНИОТ ДРУГАР ИАКО ЖИВЕАТ ЗАЕДНОВо Охрид вчера имаше 33 нови позитивни на ковид-19, а во моментов активни се 475 болни. (Фото: СДК.МК)

    Мерката за самоизолација во Охрид сè помалку се почитува. Заболени од ковид-19 излегуваат од дома, прават контакти и ја шират заразата. Ако ковид позитивните се несовесни и понатака шетаат ќе бележиме високи бројки на заболени, предупредуваат здравствените работници. Епидемиологот д-р Јованка Стурлакова-Коровешоска апелира на совесност и одговорност, оти најдобра превентивна мерка за заштита на билските и на останатите е изолацијата.

    „Секој оној кој што е потврден ковид позитивен треба да остане дома во изолација. Оние кои се асимптоматски, имаат лесна клиничка слика, нема потреба во текот на 20-дневната изолација да излегуваат за да прават здравствени прегледи. Нивните прошетки низ здравствените установи се причина за огромниот број заболени здравствени работници“, вели д-р Стурлакова-Корвешоска.

    Во Охрид вчера имаше 33 нови позитивни на ковид-19, а во моментов активни се 475 болни.

    Дел од болните ги кријат контактите за да не одат во изолација, посебно ако се работи за член од семејството. Некои поради бизнис интереси, други поради нивната несовесност.

    „Се случува дури да изјават дека немале контакт со својот брачен другар, а живеат во иста куќа. После неколку дена се разболуваат. Коронавирусот не може да се скрие. Секој онај кој бил во контакт со болен во семејството има можност да заболи. Токму поради тоа изолацијата треба да биде прописна, онака како што е препораката и да се држи таа социјална дистанца и помеѓу членовите во семејството. Ковид позитивниот треба да е во посебна просторија и да нема контакти со останатите членови од семејството кои како суспектни, сомнителни, не треба да излегуваат од домот за да се спречи можното ширење на инфекцијата на останатото население“, вели д-р Стурлакова-Коровешоска.

    Од охридската полиција велат дека се врши редовна контрола кај лицата со решенија за изолација, а на терен се изрекуваат санкции за оние што не носат маски, и за оние кои не ги почитуваат препораките и законските мерки за заштита од ковид-19.

    Ако бројките на заболени и понатака растат, а бројот на болничките кревети е сè помал, општинскиот Кризен штаб размислува да воведе мобилни здравствени тимови кои ќе пружаат здравствен третман во домашни услови на заболени од ковид-19 кои имаат полесна клиничка слика.

    Се подготвува и теренот во болничкиот комплекс за поставување на модуларната болница за потешко болните.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира