АЛАЃОЗОВСКИ ЌЕ БИДЕ СОВЕТНИК ЗА КУЛТУРА НА ЗАЕВ, АДЕМИ СТАНА МИНИСТЕР

    АЛАЃОЗОВСКИ ЌЕ БИДЕ СОВЕТНИК ЗА КУЛТУРА НА ЗАЕВ, АДЕМИ СТАНА МИНИСТЕРРоберт Алаѓозовски и Асаф Адеми на денешното приморедавање на функцијата министер за култура (Фото: МИА)

    Поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски е назначен за национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка во кабинетот на премиерот Зоран Заев. Алаѓозовски беше министер за култура од 1 јуни 2017, а новата функција ја најави на денешното примопредавање на министерското место на Асаф Адеми, кој доаѓа од Беса – крилото на Африм Гаши. Адеми беше изгласан за министер на седница на Собранието на 1 јуни.

    Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски ни рече дека за функцијата на Алаѓозовски е потребно именување од Владата, и наскоро треба да биде објавена во Службен весник.

    Адеми, кој во Министерството за култура денес дојде заедно со актерот од Македонскиот народен театар, Висар Вишка, рече дека ќе биде министер за сите, без разлика на нивната етничка, партиска и верска припадност.

    „Ќе се потрудам да креирам унитарен културен идентитет за сите и да градам мостови на културна соработка меѓу сите заедници и сите граѓани во Република Македонија“, рече Адеми на примопредавањето на функцијата.

    Адеми по професија е градежен инженер, досега бил управен директор на канцеларијата на меѓународната компанија ИНСКЕЈЛ Глобал во Скопје, а има и дипломатска кариера како поранешен амбасадор во Данска. На изминатите локални изброи лани беше кандидат на Беса за градоначалник на Гостивар.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари