АЛЕКСАНДАР ДИМИТРИЕВСКИ ОД „360 СТЕПЕНИ“ ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „НИКОЛА МЛАДЕНОВ“ ЗА НАЈДОБРА ИСТРАЖУВАЧКА СТОРИЈА

    АЛЕКСАНДАР ДИМИТРИЕВСКИ ОД „360 СТЕПЕНИ“ ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „НИКОЛА МЛАДЕНОВ“ ЗА НАЈДОБРА ИСТРАЖУВАЧКА СТОРИЈАНаградените на годинашниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    Александар Димитриевски ја доби првата награда за најдобра истражувачка сторија на годинашниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов“. Тој е награден за сторијата „Од фирма за долна облека до надзор над проект од 1,3 милијарди евра со позајмени експерти“, објавена во емисијата „360 степени“. Серијалот текстови и видеоприлози на Димитриевски откри сериозни нерегуларности во тендерската постапка за избор на надзор врз изградбата на автопатите од страна на конзорциумот „Бехтел-Енка“.

    Втората награда ја доби Ирена Мулачка за серијалот текстови поврзани со случувањата на Клиниката за онкологија, објавени во неделникот „Фокус“. Мартин Пушевски од сајтот „Дома“ ја доби третата награда за неговите текстови за борбата на граѓаните од Струмичката Котлина против отворање на рудникот „Иловица“.

    Сашка Цветковска, Елена Митревска-Цуцковска, Маја Јовановска и Ивана Настеска од редакцијата на Истражувачката репортерска лабораторија ја добија наградата за најиновативен новинарски производ за истражувачкиот документарен филм „Убиство во Тетово“.

    Наградата за најдобра репортерска фотографија ја доби Томислав Георгиев за фотографијата „Црква“, објавена во интернет изданието на неделникот „Фокус“.

    Пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата најдобра истражувачка сторија им беа доделени на Мирјана Мирчевска-Јовановиќ, Славица Филиповска-Иванова и Јасмина Јакимова, додека на редакцијата „Види Вака“ и на новинарката Катерина Топалова им беа доделени пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата најиновативен новинарски производ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира