Шестмина припадници на полициската единица „Алфи“, што Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ги сомничи дека сториле кривично дело мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување при апсењето на Љубе Бошковски во 2011 година, утре треба да се појават пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд во Скопје.
Во предметот „Тортура“ се осомничени седум лица. Меѓу нив е и тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков. За ниедно од нив не е побаран притвор.
За шестмина полицајци меѓу кои и командирот на полициската единица „Алфи“ Ивица Анчевски – Пуки, СЈО побара забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, односно одземање на полициските овластувања. За поранешниот директор на УБК не е побарана никаква мерка бидејќи тој веќе не е на работно место во МВР.
Предметот „Тортура“ беше објавен на 28 март оваа година, но дури сега Основниот суд Скопје 1 постапува по него. Иако СЈО побарало одземање на полициските овластувања за шестмина полицајци уште на почетокот на април, по аболицијата на претседателот Иванов од 12 април, сите предмети беа сопрени. Во меѓувреме и командирот на Алфите беше вратен на работното место. Со делумното повлекување на аболицијата, СЈО повторно побарало од Судот да преземе мерки на претпазливост. По целосното повлекување на аболицијата, уште на почетокот на јуни, СЈО повторно го актуелизираше предметот, но судот дури за утре, повеќе од цел месец подоцна ги вика на распит осомничените.
Обвинителката Фатиме Фетаи на прес конференцијата на СЈО на 28 март годинава соопшти дека првоосомничен во „Тортура“ е тогашниот директор на УБК, кој им издавал наредби на припадници на единицата „Алфи“ за апсењето на Бошкоски со прекумерна употреба на средства за присилба. Според неа, со начинот на апсењето се нарушило неговото човечко достоинство и се дискриминал по основ на поинаква политичка определба.