Премиерот Димитар Ковачевски до Собранието го достави предлогот за реконструкција на Владата, според кој ќе има кадровски промени во четири министерства. Реконструкцијата се случува по договорот за влез на Алијанса за Албанците во Владата, партија која добива три министерски места, две од Алтернатива и едно на сметка на СДСМ. Една рокада прават СДСМ и ДУИ.
За министер кој ќе раководи со Министерството за правда, предложен е Кренар Лога од Алијанса. Актуелен министер е Никола Тупанчески од СДСМ. За министер кој ќе раководи со Министерството за здравство, предложен е Фатмир Меџити од Алијанса и тој би дошол на местото на Беким Сали од Алтернатива. За министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација, предложен е Азир Алиу од Алијанса, а актуелен министер е Адмирим Алити од Алтернатива. За министерка која ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање, предложена е Каја Шукова од СДСМ, која би дошла на местото на Насер Нуредини од ДУИ.
Промени се предложени и кај замениците министри.
Алтернатива најави дека в недела ќе го донесе конечниот став околу учеството во Владата. Како што соопштија од партијата, одлуката ќе биде донесена на седница на Централното собрание што ќе се одржи во 16 часот во партиското седиште во Тетово, но мали се шансите партијата да остане дел од власта откако остана без министерски позиции.
Алијанса за Албанците има 8 пратеници во Собранието, а Алтернатива 4. Владејачкото мнозинство досега имаше 64 пратеници. Претседателот на Собранието Талат Џафери ја закажа седницата за владината реконструкција в понеделник во 15 часот.