Претседателот на Собранието Талат Џафери кој денеска ја прекина работата на 79. седница со 33 точки за расправа, зашто од вкупно потпишани 85, во салата биле присутни само 58 пратеници, обвини за уцени од коалиционата Алтернатива.
Џафери ним им се обрати дека уцени кај него не проаѓаат, а за пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициони пратеници, кои многу често ги нема на седниците, не спомна директно ништо. Ним одамна никој не ги бара кога ќе ги нема сите комплет како денеска на 79. седница.
Како што дознаваме од собраниски избори, пратениците на Алтернатива бојкотирале поради нереализиран коалициски договор, односно поради тоа дека се уште потпретседател на Собранието не се бира од нивните пратеници.
Џафери ги повика претседателите на партиите од парламентарното мнозинство во 13 часот да се состанат кај него во Кабинет и да се договорат како ќе продолжат со работа со оваа институција. Седницата денеска не продолжи.
„Поради фактот дека пратениците се потпишаа и одлучија да не влезат во Салата, Собранието нема услови да може да одлучува за прашањата за кои треба да се одлучува на почетокот на седницата. Ова јасно ни кажува за пратениците и за ставот кој го имаат кон Собранието. Некои мислат дека ова е нивен имот и со нивниот имот можат да се однесуваат како сакаат, но ова не е наш имот како пратеници“, ја пренесе МИА изјавата на Џафери. Тој ги повикал двајцата претседатели на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, кои биле присутни во Собранието, да одлучат како ќе дејствуваат понатака.
Тој додаде дека коректно е тие кои не сакаат да доаѓаат во Собранието и да бидат дел од работата на оваа институција, до него да поднесат барање за седница за распуштање на Собранието.
„Ако тие не предложат, јас ќе предложам седница за распуштање на Собранието да се знае која е главната цел за нас, 120 пратеници. Во овие моменти Собранието треба да функционира без разлика дали му се допаѓа тоа некому или не. Ова е демократија, а уцените не се дел од демократијата. Јас друг излез немам освен да ја прекинам седницата, а ако некој мисли дека седница ќе биде закажана со уцени и ултиматуми, е грешка. Кој не сака да биде дел од мнозинството треба да каже дека од денеска не е мнозинство и нека прави мнозинство со кого сака, рече Џафери, потенцирајќи дека „ова не може да се толерира“.
С. К. ДЕЛЕВСКА