АМАН БРАТУ, НЕМОЈ ТОЛКУ ДА НЀ САКАШ, МУ РЕКОЛ ЗАЕВ НА КАРАКАЧАНОВ

    АМАН БРАТУ, НЕМОЈ ТОЛКУ ДА НЀ САКАШ, МУ РЕКОЛ ЗАЕВ НА КАРАКАЧАНОВЗаев јавно тврди дека немаме ниту територијални, ниту малцински претензии кон Бугарија, за да слушне Каракачанов, и за како што вели македонскиот премиер, да му олесни на Бојко Борисов. - Красимир Каракачанов и Екатерина Захариева (Фото: Ѓ. Личовси)

    Премиерот Зоран Заев вели дека бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов ја сака Македонија, но на погрешен начин, во интервју за македонската редакција на „Дојче Веле“. По вчерашното вето од Бугарија за почеток на преговорите со ЕУ, Заев вели дека бугарскиот премиер Бојко Борисов е против блокада на Македонија, исто како што е, според Заев, огромно мнозинство од бугарскиот народ. За Каракачанов, кој е коалиционен партнер на Борисов, но и најгласен во бугарската влада во негирањето на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, Заев вели дека му има кажано: „аман брату, немој толку да нè сакаш“.

    „Тврдам дека огромно мнозинство од бугарскиот народ е против блокада и пречки за македонскиот народ на патот кон ЕУ. Тврдам исто така дека и Борисов е против, затоа што тој е отсјај на својот народ. Но секако, тој има и коалициски партнери. Јас често го слушам мојот добар пријател Каракачанов. И тврдам дека тој ја сака Македонија, но некојпат на погрешен начин ја сака Македонија. Му го имам тоа и нему кажано. Тоа е како што велат ‘аман брату, немој толку да нè сакаш’. Значи тој ја сака Македонија, но на погрешен начин. Треба да продолжи да ја сака, но и да покаже дека тоа што нему му тежи и му е проблем, како што вели: Блгарски Македонец; тоа се решава“, вели Заев.

    За барањата на Бугарија во преговарачката рамка со Македонија да биде вметнато дека немаме претензии за македонско малцинство во Бугарија, како и за другите бугарски барања, Заев вели:

    „Јавно тврдам дека немаме ниту територијални, ниту малцински претензии, за да слушне тој и да му олесни на Бојко Борисов. Јавно тврдам дека Северна Македонија е исто што и Република Северна Македонија. Јавно тврдам дека заедничката историја е реалност и постои. Во таа заедничка историја се изнедриле Бугарите и Македонците, бугарскиот и македонскиот јазик. И во едни такви околности, треба тоа да го зграпчиме и да градиме пријателство и братство. Тоа е љубовта која што носи иднина“.

    Целото интервју погледајте го ТУКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира