Не може да го менуваме нашето стратешко партнерство со САД со секоја промена на тамошната администрацијата, велат од Министерството за надворешни работи за коспонзорството на американската резолуција за Украина во Обединетите нации, во која не се спомнуваше дека Русија извршила агресија и не се бараше повлекување од земјата. Иако коспонзорството на резолуцијата е спротивно од резолуцијата и ставот на Европската унија, од МНР велат дека и понатаму напорите на државата се насочени кон откочување на процесите и започнување на преговорите за полноправно членство. Македонија потоа гласаше воздржано за обете резолуции.
„Ние гласавме целосно усогласени со САД. Успеавме да одржиме позиција во ОН што е принципиелна и во рамките на постулатите на надворешната политика како земја членка на НАТО, земја која има стратешки договор со САД и земја која е партнер на ЕУ. Ние застанавме зад мир, мислиме дека е време за дипломатија и мир“, брифираат од МНР.
Декларација за стратешко партнерство и соработка помеѓу САД и Република Македонија беше потпишан на 7 мај 2008 година во Вашингтон, од тогашниот министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и државната секретарка на САД Кондолиза Рајс.
Од МНР велат дека дипломатски напори се насочени кон решавање на спорот со Бугарија и откочување на процесот на преговорите. Токму на честите посети и средби во САД се истакнува дека билатералните прашања не смеат да бидат пречка и се бара поддршка за уставни измени со одложено дејство.
Откако на вчерашниот вонреден самит на европските држави во Брисел беше договорено дека ќе продолжи поддршката на Унгарија и да се издвојат повеќе средства за одбраната, од МНР велат дека во наредниот период ќе се разгледува прашањето околу воената помош што земјава може да ја испрати. За евентуално учество на македонски војници во мировни мисии во Украина, од МНР брифираат дека во моментов земјава не е подготвена да учествува во такви мисии.
А. АНТЕВСКА