АНТИКОРУПЦИСКА БАРА ВЛАДАТА ДА ГО ПРЕЗЕМЕ УРИВАЊЕ НА ДИВОГРАДБИТЕ ВО ОХРИД ОТИ ОПШТИНАТА НЕМАЛА ПАРИ

    АНТИКОРУПЦИСКА БАРА ВЛАДАТА ДА ГО ПРЕЗЕМЕ УРИВАЊЕ НА ДИВОГРАДБИТЕ ВО ОХРИД ОТИ ОПШТИНАТА НЕМАЛА ПАРИ1,5 милиони денари е малку за справување со дивоградбите во Охрид, Антикорупциската комисија ќе испрати барање до Владата да ги преземе надлежностите на сите општини во овој регион под заштита на УНЕСКО и да се справи со објектите кои се дивоградба“, рече претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Антикорупциската комисија побара Владата да ја преземе надлежноста од Општина Охрид за уривање на дивоградбите. Антикорупционерите разгледувајќи ги јавните набавки кои Општината ги спровела за уривање на дивоградбите заклучила дека тие пари се малку за решавање на овој проблем.

    „Во 2019 година е склучен само еден договор во уривање во вредност од 1,5 милиони денари. Бидејќи ова е мал износ за справување со дивоградбите во Охрид, Антикорупциската комисија ќе испрати барање до Владата да ги преземе надлежностите на сите општини во овој регион под заштита на УНЕСКО и да се справи со објектите кои се дивоградба“, рече претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.

    Ивановска на денешната прес-конференција кажа дека го разгледувале и предметот за продажбата на градежното земјиште на паркингот кај „Холидеј ин“, заради наводи за неправилности при водење на постапката за денационализација на една од парцелите на овој потег. Таа кажа дека Министерството за транспорт и врски го продало земјиштето иако на сила бил мораториумот за градба.

    „Дел од ова земјиште што е продадено со површина од 625 квадратни метри е на семејство што започнало процес на денационализација во 2003 година, но поради измени на Законот за денационализација од декември 2010 година, се дозволува располагање со имот што е предмет на денационализација. Пред да биде оваа измена во Законот постоела апсолутна забрана за располагање со имот додека трае постапката. Затоа ќе побараме од Уставен суд да изврши оценка на член 64 од Закон за денационализација“, рече Ивановска.

    Таа кажа дека во време кога е продадено земјиштето на сила во Општина Центар е мораториумот, планот за овој дел се ревидира и може да претрпи измени. Затоа според Ивановска постои ризик од влијание на сопствениците на тоа земјиште врз натамошната постапка на донесување на планот.

    „Затоа препорачуваме дека градоначалникот треба да се држи до стандардите за хумано живеење, да се изврши хуманизација и хармонизација на просторот, со што ќе се штити јавниот интерес. Ќе ја следиме судбината на оваа парцела со новиот план што ќе биде донесен“, кажа Ивановска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира