Откако претседателот на Собраниската комисија за избори и именувања Ѓорѓи Сајковски од ВМРО-ДПМНЕ кажа дека нема да се распишува оглас за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), односно за нејзин седми член, затоа што се распишани Локалните избори, таа останува со 6 члена да ги надгледува кампањите и изборите.
Така на пример, ако некој граѓанин или партија пријават дека министер или министерка користат кабинет во министерството за промоција на кандидат за градоначалник од партијата откаде што е министерот, а ДКСК отвори предмет против тој функционер, ако гласовите се израмнети (три спрема три), ќе нема ни одлука, ни казна.
Многу е важно да биде во полн состав за време на избори, но Деловникот за работа кој што е објавен на веб-страната на ДКСК, не предвидува решение во ситуација со изедначени гласови при носење на одлуките.
Нема каде граѓаните да пријавуваат нерегуларности, поткуп за гласање, злоупотреба на државни ресурси, државни возила во предизборна кампања, нелегално финансирање на партии и кампањи и друго, ако не во Антикорупциската комисија, која потоа го известува Обвинителството, Државниот завод за ревизија и други непартиски институции.
Токму затоа, ДКСК има куси рокови дадени во законот, за да постапи веднаш. При нерешено во гласањето, предметите нема да може да се тераат понатаму.
Комисијата беше особено активна за време на претходниот состав, со акцент на изборите во 2021 година. Го фати тогашниот министер за надворешни работи како во изборен период ги користи 15-те службени возила за предизборна кампања на неговата партија.
На барање на ДКСК, Државниот завод за ревизија (ДЗР) направи детална проверка и ревизија и ги докажа сомневањата на Антикорупциската комисија. Комисијата побара разрешување на министерот, но тогашната власт тоа не го спроведе.
Доскорешната претседателка на ДКСК Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање на службена тајна на обвинет во коруптивниот предмет „Адитив“, но и за компјутерски фалсификат, откако беше фатена дека на колега од ДЗР дала логови за да влезе и место неа да положи испит за највисока службена тајна, долго време не си даваше оставка.
Со тоа спречи да се распише оглас и да се избере член на ДКСК многу порано. Оставка поднесе дури на 25 јули, само две недели пред на 9 август спикерот Африм Гаши да ги распише локалните избори. Првиот круг на Локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.
Антикорупциската комисија испрати мислење до Собранието дека тоа треба да одлучи дали ќе распише оглас. Пред неколку дека претседателот на комисијата Сајковски, кажа: избор на седми член, односно претседател на ДКСК, после избори!
Татјана Димитровска, која со месеци го истражуваше патувањето на синот на премиерот Христијан Мицкоски заедно со него на службениот пат во САД и заклучи дека тоа било со приватни средства, и која рече дека нема пречка директорот на АНБ Бојан Христовски да ја извршува функцијата со непостоечкиот сертификат за положен ТОЕФЛ-испит по англиски јазик во непостоечка школа во Пловдив, и покрај сериозните обвиненија, се врати без проблем на работното место – помошник на главниот ревизор во ДЗР.
С. К. ДЕЛЕВСКА