Апелациониот суд Скопје попладнево ја прифати жалбата на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и мерката притвор ѝ ја замени со мерка куќен притвор.
„Преиначено е првостепеното решение и одредена е мерка куќен притвор, заедно со мерки за претпазливост“, потврдија од Апелациониот суд за државната агенција МИА.
Јанева беше притворена во затворот во Шутка од 21 август, кога беше уапсена како осомничена во случајот „Рекет“. Од осомничените, сега веќе обвинети во „Рекет“, во притвор во Шутка остана првоосомничениот Бојан Јовановски-Боки 13. Обвинетиот Зоран Милевски-Кичеец беше пуштен од Шутка во куќен притвор на 24 септември.
Шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска најави дека ќе покрене финансиска истрага за судиите кои донесоа одлука да ја преиначат одлуката на Кривичниот суд за притворот на Јанева.
„Не знам кои се судиите. Чекам да го добијам решението, но ќе покренам финансиска истрага“, изјави Русковска за МИА.
Судењето за „Рекет“ треба да почне во Кривичниот суд на 3 декември.