АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ЈА УКИНА ОСЛОБОДИТЕЛНАТА ПРЕСУДА ЗА ЛАТАС ЗА КУЌИТЕ ВО ЗЕЛЕНИКОВО

    АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ЈА УКИНА ОСЛОБОДИТЕЛНАТА ПРЕСУДА ЗА ЛАТАС ЗА КУЌИТЕ ВО ЗЕЛЕНИКОВОПредметот „Тревник“ е вратен на повторно судење во Кривичниот суд и по правило би требало одново да го почне истиот судија. - Драган Павловиќ - Латас пред Основниот кривичен суд (архивска фотографија)

    Ослободителната пресуда за Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа Звездан и Срѓан Павловиќ за нелегално изградените куќи на територија на Општина Зелениково ја укина Апелациониот суд Скопје по жалба на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Предметот „Тревник“ во Основниот кривичен суд го застапуваше нејзината заменичка во СЈО, Елизабета Јосифовска, сега обвинителка во Кичевското јавно обвинителство.

    Како што дознаваме неофицијално, ослободителната пресуда, укината e деновиве поради суштинска повреда на постапката и поради нецелосно утврдена фактичка состојба. Предметот е вратен на повторно судење во Кривичниот суд и по правило би требало одново да го почне истиот судија.

    При изрекување на ослободителната пресуда на 4 јули 2019, судијата кажа дека во конкретниот случај немало пријава за бесправно градење ни од граѓанин, ни од државен орган, немало ни решение за уривање, а немало ни јавен интерес. Во 2013 година тие си извадиле градежни дозволи за веќе изградените куќи во 2011 година и никој не побарал поништување на тие одобренија, заклучи тогаш судот.

    Неколку дена по донесувањето на првостепената пресуда, Јавниот обвинител Љубомир Јовески кажа дека на таквите судии не им е местото во правосудството и смета дека Судскиот совет треба да го испита случајот.

    „Видовте што стана со последната одлука во делот на противправно градење. Видовте како судијата ја толкува таа одредба и мислам дека на таквите судии не им е место во правосудството и веројатно Судскиот совет во соодветна постапка треба да го испита тој дел. Таму, јас после објавување на пресудата барав и судска праска, а судската пракса во однос на овие дела е сосема јасна. Не се бара ниту записници од инспектори, ниту дали некој пријавил или не. Доволно е лицето да почне да гради без одобрение за градба“, кажа тогаш Јовески.

    Претседателот на Основниот кривичен суд Иван Џолев утредента му одговори на Јовески „наместо редовно и неосновано да го напаѓа судот и судиите после секоја судска одлука од која не се задоволни, да си погледне во сопствениот двор“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира