АПЕЛАЦИОНИОТ СУД МУ ЈА УКИНА ПРЕСУДАТА НА САШО МИЈАЛКОВ И ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕ, ЗА ДВЕ ГОДИНИ ЗАСТАРУВА И ДЕЛОТО

    АПЕЛАЦИОНИОТ СУД МУ ЈА УКИНА ПРЕСУДАТА НА САШО МИЈАЛКОВ И ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕ, ЗА ДВЕ ГОДИНИ ЗАСТАРУВА И ДЕЛОТОСо ова, Апелациониот суд овозможи и придонесе овој предмет набргу да застари и повеќе кривично да не се гони. (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд Скопје ја укина 12-годишната затворска казна за масовното незаконско прислушување за Сашо Мијалков, осуден како поранешен директор на УБК во предметот „Тврдина-Таргет“, што се однесуваше на незаконското следење на над 4.000 телефонски броеви без судски наредби, со кое биле опфатени околу 20.000 граѓани. Овој предмет Апелација не го одлучуваше од април, и не даваше образложение зошто го чува толку време, за денеска да објави само дека е укината пресудата и вратен е на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје.  Со ова, Апелациониот суд овозможи и придонесе овој предмет набргу да застари и повеќе кривично да не се гони. Во „Тврдина-Таргет“ кривичното дело за Сашо Мијалков застарува во 2025. Другите обвинети се со обвинителен акт, само тој е со обвинителен предлог.

    Одлуката ја донесе Советот на судии на чие чело е Јани Нича, а членови се Енвер Беџети кој беше судија-известител за предметот, Ѓоко Ристов, Тања Милева, Лидија Чачева.

    Станува збор за обвинителен предлог, а не за обвинителен акт и затоа застарувањето од кривично гонење е забрзано. Алатката „обвинителен предлог“ е за да се одвиваат економично и брзо судките постапки, што во случајот „Тврдина-Таргет“ излезе обратно – се искористи на секаков можен начин за да застари предметот.

    Во „Тврдина-Таргет“ меѓу осудените е и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која потпишала налог да се уништи опремата со која биле прислушувани стотици граѓани, за да нема докази за прислушувањето.

    Според кусото образложение од Апелациониот суд Сопје, пресудата е укината поради суштествени повреди во постапката. Но јавноста не може да види кои се тие суштествени повреди, бидејќи оваа одлука нема да биде објавена на веб стреаната на судот, оти не била прависилна, судење ќе има одново. Исто како што беше случај и за „Трезор“, каде што Мијалков беше осуден на 8 години затвор, а пресудата укината и без објава на причините, а случајот вратен на повторно судење.

    Со тоа, излегоа прецизно точни тврдењата во јавноста, дека по благата спогодба за „Империја“, Мијалков освен тие 3 години затвор со спогодбата за овој случај, нема да лежи за овие два предмета во кои вкупно е осуден на 20 години затвор. Мијалков тригодишната казна за „Империја“ ја отслужува во Струшкиот затвор кој што е од отворен тип.

    Судењето за предметот „Тврдина-Таргет“ почна есента 2018. Во февруари 2021 е донесена неправосилна пресуда. Дури во март 2022 се одржа јавна седница во Апелациониот суд по поднесените жалби од обвинетите, односно првостепено осудените во овој базичен предмет на поранешното Специјално јавно обвинителство.

    Судењето, пак, за „Трезор“ стартуваше во февруари 2018. Во април 2021 е изречена првостепената пресуда, а по жалба на јавна седница во Апелација се расправаше во април 2022.

    Според последните истражувања, довербата во судството е на најниско ниво досега, само на 8 проценти од населението. Тука се бројат и само 2 отсто што изразиле целосна доверба.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира