АПТЕКИТЕ БАРААТ СИНИ КАРТОНИ ДОДЕКА НЕ СЕ СМЕНИ ЗАКОНОТ, ИЗЈАВАТА НА ТАРАВАРИ НЕМА ПРАВНО ДЕЈСТВО

    АПТЕКИТЕ БАРААТ СИНИ КАРТОНИ ДОДЕКА НЕ СЕ СМЕНИ ЗАКОНОТ, ИЗЈАВАТА НА ТАРАВАРИ НЕМА ПРАВНО ДЕЈСТВО„Подрачните единици на Фондот за здравствено осигурување се известени и нема да печатат, ниту да бараат од аптеките и установите да приложуваат синии картони“, велат од Министерството за здравство.-(Фото:СДК.МК)

    Министерството за здравство подготвува измени на Законот за здравствено осигурување, со кои ќе се укине обврската осигуреникот да има син картон. Како што велат од Министерството овие измени ќе се носат во скратена постапка.

    Аптеките, пациентите и здравствените установи се во недоумица како да постапуваат, по минатонеделната изјава на министерот за здравство Арбен Таравари дека нема да се бараат сини картони за здравствена услуга и за лек, ако на пациентот му е истечена електронската здравствена картичка.

    Обврската пациентот да има доказ дека му е платено здравствено осигурување е пропишано во Законот за здравствено осигурување. По воведување на електронските здравствени картички тие се користат како доказ дека е платено осигурувањето, а сини картони се печатеа само за оние осигуреници кои од разни причини немаат картички.

    Посериозен проблем настана годинава, бидејќи истекува важноста на картичките на 500.000 граѓани, а претходните здравствени власти навреме не распишаа тендер за избор на фирма која ќе печати новите. Министерот Таравари најави дека ќе го менуваат системот со картички, односно дека електронската картичка и личната карта ќе бидат во едно, но дека тоа е процес кој ќе трае две до три години.

    „Бев да си земам картони во подрачната служба на Фондот. Не сакаа да ми дадат, оти министерот рекол дека не треба картони. Ама остај што рекол министерот. Вчера поминав во неколку аптеки и не сакаа да ми издадат лек без син картон. Велат дека според закон мора да имаат син картон, а дека немаат никаков официјален допис ниту од Министерство за здравство, ниту од Фондот дека не трба да бараат картони. Во една аптека дури ми рекоа ако рекол министерот дека не треба сини картони, оди кај него па нека ти издаде лек без картони“, вели пациент од Скопје.

    Од Министерството за здравство велат дека ги известиле здравствените установи да не им бараат сини картони на осигурениците чии картички се истечени.
    „Подрачните единици на Фондот за здравствено осигурување се известени и нема да печатат, ниту да бараат од аптеките и установите да приложуваат сини картони. Оние осигуреници што останаа без електронска здравствена картичка, бидејќи им е истечен рокот, без проблем ќе можат да ги добијат сите услуги кај матичен лекар како и кај специјалист“, велат од Министерството за здравство.

    Промена пак на матичен лекар повторно ќе може да се направи електронски, преку картичката на самиот лекар.
    „Според информациите што ги добивме од ФЗОМ за сите лекари се изработени и дистрибуирани нови картички, бидејќи за нив најпрво престанал да важи сертификатот, бидејжи тие први добиле картиќки пред шест години. За ретки каде матичниот лекар нема картичка со валиден сертификат, ФЗОМ овозможува да овластат лице со чиј сертификат ќе се потпишуваат барањата за промена на матичен лекар“, велат од Министерството за здравство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира