АРМ КУПУВА 8 БОРБЕНИ ХЕЛИКОПТЕРИ СО КОИ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГАСАТ И ПОЖАРИ, ДРЖАВАТА ИМА ОБЕЗБЕДЕНО 230 МИЛИОНИ ЕВРА

    АРМ КУПУВА 8 БОРБЕНИ ХЕЛИКОПТЕРИ СО КОИ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГАСАТ И ПОЖАРИ, ДРЖАВАТА ИМА ОБЕЗБЕДЕНО 230 МИЛИОНИ ЕВРАМинистерството за одбрана најави и оглас за пилоти кои ќе управуваат со новите хеликоптери, а кои претходно ќе се школуваат во Италија (Фото:СДК.МК)

    По договорот за набавка на систем за противвоздушна одбрана од Франција, возила и оклопни транспортери од САД, како и артилериски системи од Турција, пред потпишување е и договор за набавка на повеќенаменски транспортни хеликоптери од Италија.

    Владата на вчерашната седница ја усвоила Информацијата од Министерството за одбрана за потребата од договор за набавка на 8 повеќенаменски транспортни хеликоптери од Италија.

    Принципот е склучување договор влада со влада, односно меѓу Владата на РСМ и Министерството за одбрана на Италија. Договорот во име на Владата ќе го потпише министерката за одбрана Славјанка Петровска.

    Со планот за модернизација и опремување на Армијата на РСМ, треба да се постигне целосна интероперабилност со армиите на земјите партнери во НАТО. Хеликоптерите освен што служат во борбени операции, може да бидат ангажирани и во мисии за пребарување и спасување, евакуација, извидување, гаснење на пожари и друго.

    Петровска денеска кажа дека се купуваат хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо“. Набавката се однесува на „AW149“ и „AW169“ кои се два типа хеликоптери „агуста“ (AgustaWestland) со вклучена опрема и нивно одржување.

    Едниот хеликоптер е со поголема носивост, до 14 патници, а другиот е со помала носивост, до 8 патници. Рокот за нивната испорака ќе биде од 24 до 36 месеци, од денот на потпишување на договорот. Отприлика, тоа би значело дека првиот ќе стаса во 2026, а осмиот хеликоптер во 2028 година.

    Македонија има пари за набавката, зашто претходно го исполни критериумот на НАТО за одвојување на 2 процента од БДП за одбрана. Покрај неа, овој критериум го имаат исполнето уште само 17 членки на НАТО.

    Дополнителна помош и поддршка за хеликоптерите ќе пружи и Министерството за одбрана на Италија, со кое утре ќе се потпише договор за соработка преку италијанскиот амбасадор во Скопје.

    Министерството за одбрана најави оглас за пилоти кои ќе управуваат со новите хеликоптери. Тие ќе се обучуваат во Академијата на Леонардо во Италија, а потоа и на домашен терен, во специјалниот тренажен центар на производителот како и во Центарот за обука на пилоти на Армијата. Кандидатите за пилоти освен што треба да исполнат строги критериуми, тие не треба да бидат постари од 28 години.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира