„АУСТРИЈАН ЕРЛАЈНС“ ЈА ОДЛОЖИ ЛИНИЈАТА ОД ВИЕНА ЗА ОХРИД, МЕСТО ОД МАЈ, ЌЕ ЛЕТА ОД 21 ЈУНИ

    „АУСТРИЈАН ЕРЛАЈНС“ ЈА ОДЛОЖИ ЛИНИЈАТА ОД ВИЕНА ЗА ОХРИД, МЕСТО ОД МАЈ, ЌЕ ЛЕТА ОД 21 ЈУНИ„Аустријан“ ќе ја пополни празнината што се отвори откако „Визер“ ја укина линијата Виена-Охрид на 14 март (Фото: СДК.МК)

    „Аустријан ерлајнс“ го одложи воведувањето на планираната нова линија меѓу Виена и Охрид. Таа требаше да профункционира на 17 мај, но датумот сега е поместен на 21 јуни.

    Во октомври минатата година беше најавено дека, за почеток, австриската компанија, која е дел од групацијата „Луфтханза“, ќе лета еднаш неделно, а во јули и август ќе ја одржува линијата двапати неделно со авион од типот „ербас А320“. Линијата ќе биде отворена до 18 октомври.

    „Аустријан“ ќе ја пополни празнината што се отвори откако „Визер“ ја укина линијата Виена-Охрид во март оваа година. Во зимскиот период, унгарската нискобуџетна компанија леташе од австрискиот главен град за Охрид двапати неделно. Наместо од Австрија, „Визер“ сега лета за Охрид три пати неделно од словачкиот главен град Братислава.

    „Визер“ ја укинa линијата од Виена за Охрид затоа што ја затвори базата на Виенскиот аеродром поради силна конкуренција и зголемени трошоци предизвикани од зголемените давачки кон државата. Дел од флотата оперира од соседната Братислава. Растојанието помеѓу аеродромите во Виена и Братислава е 70 километри.

    И двете линии за Охрид не се дел од владината шема за субвенционирање на авиосообраќајот, затоа што не се третираат како нови дестинации, ни рекоа од Министерството за транспорт.

    Г. КОНЕВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира