Друштвото за маркетинг и услуги Самоорганизација ДООЕЛ, кое со насловениот проект „25 години Авалон Продукција“ од Министерството за култура на 10 февруари годинава доби 6 милиони денари, а на ЗАМП му должи 4.328.800 денари со правосилна судска пресуда.
Пресудата Основниот суд Скопје 2 ја донел уште на 14 март 2017 година и таа е извршна. Но, до денеска, според тврдењето на Здружението за авторски музички права (ЗАМП), должникот Самоорганизација ДООЕЛ нема платено ни денар. Со тоа ни ЗАМП, кое ги застапува правата на странските автори и на домашните автори на територијата на Македонија, им нема платено за одржаните концерти.
За судската пресуда и за неплатените авторски права на Самоорганизација кон ЗАМП, за реализираните концерти во 2014, 2015 и за 2016 година, знае и министерот за култура Роберт Алаѓозовски. На состанок со него во Министерството, претставници на ЗАМП му ги врачиле сите докази на писмено, а од Алаѓозовски побарале одговор по кои критериуми овој правосилно осуден неплаќач на авторски права за концертите што ги реализирал добил на конкурсот најголема сума.
Според доказите изведени во судската постапка, Самоорганизација ДООЕЛ не платил авторски надомест за остварен приход од продажба на 3.000 влезници по цена од 1.230 денари за билет за концертот на Џон Њуман во спортската сала „Борис Трајковски“ кој се одржа на 21 јуни 2016 година. Должи за авторски права кон ЗАМП и за настапот на Енрике Иглесијас на 20 јуни 2016 година (продадени 7.000 карти по 2.030 денари). ЗАМП има побарувања за авторски права и од приходите од продадени 10.000 влезници по цена од 700 денари на концертот на Дејвид Гета на Арена Филип Втори на 5 јуни 2016 година.
Неподмирени се и фактурите за авторски права за настапот на Вајтснејк што го организираше Самоорганизација ДООЕЛ во спортската сала „Борис Трајковски“ , од продадени 3.000 влезници по цена од по 1.200 денари во ноември 2015 година. Должи и за настапот на Ѓорѓе Балашевиќ, за Апокалиптика, но и за светската ѕвезда Морисеј, од приходите од продадени 2.000 билети по цена од 1.250 денари.
Самоорганизација ДООЕЛ не плаќала авторски права ни по концертите на домашните изведувачи Каролина Гочева и Дуке Бојаџиев, а должи и за авторски музички дела од Скопје Гори за 2014 и 2015 година.
Во пресудата е наведено дека Самоорганизација ДООЕЛ не платила за авторски права ни од остварениот приход од продадени 5.000 влезници од по 1.000 денари на концертот на Уан Рипаблик кој се одржа на први јуни 2015 година.
Според важечките меѓусебни договори и тарифи, Самоорганизација на ЗАМП требало да му плати авторски надомест во висина од 10 отсто од остварениот приход од продажбата на билетите на секој од овие концерти што биле релизирани во нејзина организација.
Тужителот ЗАМП е организација која за сметка на авторите на авторските музички дела врши наплата на авторскиот надоместок, односно го остварува материјалното право од јавното користење на нивните авторски дела, согласно Законот и Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела, а прибраните надоместоци ги распределува на авторите.
С. К. ДЕЛЕВСКА