Градоначалникот на Загреб Милан Бандиќ ќе му дава идеи на скопскиот градоначалник Петре Шилегов за нови решенија за сообраќајот и воведување трамвај во Скопје.
Денеска во Загреб, Шилегов имаше работна средба со загрепскиот градоначалник Бандиќ, на која било договорено во март делегација на Град Загреб да дојде во Скопје каде што би размениле искуства и би дале стручна помош во насока на развој на нови сообраќајни решенија во Скопје.
„Договоривме во март висока делегација на Град Загреб на чело со мене како градоначалник, претставници од Секторот за сообраќај и Загрепски електричен трамвај (ЗЕТ) да дојдеме во Скопје и да понудиме рамноправно да конкурираме за изградба патна инфрастурктура, трамвај и траса за трамвај за Скопје“, рече Бандиќ.
Градоначалникот Шилегов рече дека во наредниот период Загреб ќе му понуди на Скопје некои од своите решенија за изградба на инфраструктура.
„За жал ние ја немаме многу голема инфраструктура, но од негде треба да почнеме. Добро е што можеме да купиме знаење и искуство од град како што е Загреб кој е одлучно инфраструктурно и сообраќајно решен“ рече Шилегов.
А. АНТЕВСКА