БАРАА ФЕР СУДЕЊЕ, ЕВЕ ИМ ФЕР СУДЕЊЕ, СЕ ПОБУНИ ОБВИНИТЕЛКАТА ФАТИМЕ ФЕТАИ ШТО КОСОВСКИТЕ ВЛАСТИ 7 ГОДИНИ НЕ ГИ ВРАЌААТ ИЗБЕГАНИТЕ ОБВИНЕТИ ЗА УБИСТВАТА КАЈ СМИЉКОВСКО ЕЗЕРО

    БАРАА ФЕР СУДЕЊЕ, ЕВЕ ИМ ФЕР СУДЕЊЕ, СЕ ПОБУНИ ОБВИНИТЕЛКАТА ФАТИМЕ ФЕТАИ ШТО КОСОВСКИТЕ ВЛАСТИ 7 ГОДИНИ НЕ ГИ ВРАЌААТ ИЗБЕГАНИТЕ ОБВИНЕТИ ЗА УБИСТВАТА КАЈ СМИЉКОВСКО ЕЗЕРОЗастапникот на семејствата на петмината убиени кај Смиљковското Езеро побара преку судот екстрадицијата на двајцата првообвинети кои се избегани во Косово да се стави како точка на дневен ред на седница на Владата; - од претходно рочиште на судењето за „Монструм“. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителката Фатиме Фетаи побара од судијата Огнен Ставрев во случајот „Монструм“ да ѝ се обрати на министерката за правда Рената Дескоска, и таа да му даде поконкретен одговор за тоа што прават косовските власти за екстрадицијата на првообвинетите за убиствата кај Смиљковско Езеро Алил Демири и Африм Исмаиловиќ. Фетаи рече дека не е задоволна од истиот одговор што Министерството за правда го праќа до судот: „Постапката е во тек“.

    „Бараме министерката за правда Рената Дескоска да каже што преземаат косовските власти за екстрадицијата и дали воопшто преземаат нешто во таа насока. Дали воопшто е почната таа постапка од нивна страна?“, рече Фетаи.

    На тоа одбраната реагираше дека веќе е одлучено по екстрадицијата, дека косовските власти веќе го одбиле барањето.

    „Па, нели немало услови за фер судење. Еве им фер судење“, рече Фетаи.

    „Обвинителке, не е баш таа причината, прочитајте си убаво“, рече адвокатот Насер Рауфи.

    На 12 април 2012 кај скопското Смиљковско Езеро беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Тричковски (на возраст од 18 до 21 година), сите од Радишани, Скопје, и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од Црешево.

    Застапникот на родителите на убиените деца и на рибарот Дафинка Ивановска побара преку судот екстрадицијата да се стави како точка на дневен ред на седница на Владата.

    За случајот „Монструм“ обвинети се вкупно 6 лица. Можно е обвинението да се прошири на други лица, но исто така и некој од сегашните шестмина обвинети да отпадне. Меѓу тие што би отпаднале, не се двајцата избегани.

    Судењето продолжи со читање транскрипти од 616 прислушувани разговори, од вкупно 3.000, од кои повеќето се неважни за случајот „Монструм“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира