БАРАЊЕТО ЗА ЕКСТРАДИЦИЈА НА ГРУЕВСКИ ЌЕ БИДЕ ИСПРАТЕНО ДО УНГАРИЈА НЕЗАВИСНО ДАЛИ ИМА ИЛИ НЕМА ОДЛУКА ЗА АЗИЛ, КАЖА МИНИСТЕРКАТА ЗА ПРАВДА ДЕСКОСКА

    БАРАЊЕТО ЗА ЕКСТРАДИЦИЈА НА ГРУЕВСКИ ЌЕ БИДЕ ИСПРАТЕНО ДО УНГАРИЈА НЕЗАВИСНО ДАЛИ ИМА ИЛИ НЕМА ОДЛУКА ЗА АЗИЛ, КАЖА МИНИСТЕРКАТА ЗА ПРАВДА ДЕСКОСКАMинистерката за правда Дескоска утринава се обрати на конференција на Македонското здружение на млади правници во Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Барањето за екстрадиција на избеганиот осуден експремиер Никола Груевски е подготвено и очекуваме денес или утре да биде испратено во Унгарија без разлика дали има или нема одлука за неговото барање за азил, изјави министерката за правда Рената Треневска-Дескоска.

    „Очекувам денес, најдоцна до утре да се комплетира документацијата. Голем дел е завршено, се чека уште неколку технички документи да се преведат бидејќи документацијата е обемна. Во барањето за екстрадиција, покрај случајот ’Тенк‘ се наведени сите други кривични дела за кои што е обвинет Груевски“, рече министерката Дескоска по обраќањето на конференцијата на Македонското здружение на млади правници во Скопје.

    Дескоска кажа дека и да има и да нема одлука за азил од унгарските власти, барањето за екстрадиција ќе биде доставено и додаде дека Македонија очекува тој да не добие азил, откако неколку унгарски медиуми објавија дека одлуката е веќе донесена.

    За најавениот закон за помирување и амнестија, Дескоска рече дека сè додека не го види предлогот на парламентарното меѓупартиско тело за помирување не може да каже дали со него ќе бидат опфатени само пратениците или и другите обвинети за нападот во Собранието на 27 април лани. Нејзин личен став е дека за сите осудени и обвинети за насилство не треба да има амнестија.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира