Од полноќ цената на бензинот се зголемува за 5,5 денари за литар, а на дизелот за 10 денари, соопшти Регулаторната комисија за енергетика. Со тоа цената на бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе биде 89,50 денари, на бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 91,50 денари, додека новата цена на дизел горивото ќе биде 85,50 денари за литар. Малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство се зголемува за 9 денари за литар и ќе биде 83,50, а на мазурот за 6,1 денари и ќе биде 54,319 денари за килограм.
Во изминатиот седумдневен период референтните цени на сите нафтени деривати на светските берзи бележат до сега незабележан рекорден раст и тоа : кај бензинот за 10,990 %, кај дизелот за 21,147% , кај екстра лесното масло за 18,278% и кај мазутот зголемување за 13,830%. Паралелно, во истиот период курсот на доларот во однос на сите светски валути зајакнува и во однос на денарот е зголемен за значителни 1,401 %. Согласно овие податоци велат од Регулаторна се донесе одлука со која се вкалкулирани сите овие трендови, со што се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 10,21 % во однос на одлуката од 28.2.2022 година.
„Поради сложената геополитичката состојба која се одразува врз цената на енергенсите, а со цел да се обезбеди сигурност и стабилност на пазарот со нафтените деривати и да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации, од сега натаму Регулаторна ќе носи одлуки на дневно ниво за цени на нафтени деривати, доколку берзанските цени имаат значителни промени. Овој принцип ќе се применува секогаш во состојби на екстремни дневни промени на берзанските цени. За состојбата во нафтениот сектор, ја информиравме Владата детално и анализите им се ставени на располагање со цел да се носат соодветни одлуки за да се заштити стандардот на граѓаните“ вели Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Од Регулаторна додаваат дека нафтени деривати има во доволни количини, проблем е високата цена, но не само кај нас, туку во цела Европа.
Споредбено со регионот, согласно последните достапни податоците од 6 март 2022 во земјава еуродизелот е со најниска цена и изнесува 1,388 евра/литар, додека во Србија изнесува 1,552 евра/литар, во Бугарија е 1,457 евра/литар во Албанија 1,616 евра/литар, во Грција 1,678 евра/литар и во Хрватска 1,497евра/литар.
И Еуросупер БС 95 исто има најниска цена во земјава од 1,453 евра/литар (цена актуелна од полноќ), за разлика од Србија каде цената на Еуросупер БС 95 изнесува 1,482 евра/литар, во Албанија 1,632 евра/литар, во Грција e 1,951 евра/литар и во Хрватска 1,507 евра/литар. Само во Бугарија цената е пониска и изнесува 1,427 евра/литар.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од полноќ.Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, вели Регулаторната комисија.