БЕСКАМАТНИ КРЕДИТИ ЗА ЛИКВИДНОСТ, СУБВЕНЦИИ ЗА ПРИДОНЕСИ И ПРЕПОРАКА ЗА РАБОТА ВО 4 СМЕНИ, МИЛА ЦАРОВСКА ГИ ПРЕТСТАВИ ВЛАДИНИТЕ МЕРКИ ЗА ПОМОШ НА СТОПАНСТВОТО

    БЕСКАМАТНИ КРЕДИТИ ЗА ЛИКВИДНОСТ, СУБВЕНЦИИ ЗА ПРИДОНЕСИ И ПРЕПОРАКА ЗА РАБОТА ВО 4 СМЕНИ, МИЛА ЦАРОВСКА ГИ ПРЕТСТАВИ ВЛАДИНИТЕ МЕРКИ ЗА ПОМОШ НА СТОПАНСТВОТО„Мораме да го задржиме секое работно место“, рече вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска. (Фото: Влада)

    Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска денеска го претстави првиот сет мерки за помош на стопанството за време на епидемијата на КОВИД-19.

    „Македонската економија нема да остане имуна на последиците од коронавирусот. Во изминатите неколку дена економскиот тим на Владата, во консултација со стопанските комори и експерти од различни области, правевме анализи и дојдовме до првиот сет мерки. Ќе ги балансираме ликвидноста на компаниите и ликвидноста на државата“, кажа Царовска на прес-конференција во Владата.

    Правата мерка, како што кажа Царовска, е директна финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија. На располагање се 5,7 милиони евра за компании кои имаат проблеми со ликвидност преку кредити на Македонската развојна банка. Станува збор за бескаматни кредити од 3 до 30 илјади евра, со грејс период од 6 месеци и рок на отплата 24 месеци.

    Втората мерка е поддршка на компаниите за исплата на плати.

    „Мораме да го задржиме секое работно место“, рече Царовска.

    Владата планира да го направи тоа со обезбедуваме субвенции на придонеси на компаниите погодени од владините мерки за спречување на ширење на коронавирусот, пред сѐ од туризам, транспорт и угостителство. Ќе се субвенционира 50% од придонесите за вработените во висина на просечна плата, под услов компанијата да не го намали бројот на вработени, да не исплати дивиденда и да не дели награди и бонуси во 2020 година.

    Царовска кажа дека Владата препорачува во погоните кај што работата поголем број работници да се реорганизира работата во четири смени за да се намали бројот на директно изложени работници и да се дезинфицираат редовно погоните.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира