БЕСПЛАТНИ КОНТРАЦЕПТИВИ И АПЧИЊАТА ЗА ПРЕКИН НА БРЕМЕНОСТ ДА ГИ ПРЕПИШУВААТ И МАТИЧНИТЕ ГИНЕКОЛОЗИ, БАРААТ ЗДРУЖЕНИЈАТА МАГО И ХЕРА

    БЕСПЛАТНИ КОНТРАЦЕПТИВИ И АПЧИЊАТА ЗА ПРЕКИН НА БРЕМЕНОСТ ДА ГИ ПРЕПИШУВААТ И МАТИЧНИТЕ ГИНЕКОЛОЗИ, БАРААТ ЗДРУЖЕНИЈАТА МАГО И ХЕРАВо Македонија стапката на непланирана тинејџерска бременост е речиси трипати повисока од просекот на Европската Унија. (Фото: К. Попов)

    Методата за медикаметозен абортус во Македонија е достапна само на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје, оти лекот не е регистриран кај нас. Кога би се регистрирал, до 12. недела од бременоста ќе може го препишуваат и матичните гинеколози и да им се олесни на девојките и жените да не доаѓаат сите во Скопје, рекоа на денешната прес-конференција проф. д-р Глигор Тофоски,  претседател на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) и Весна Матевска, програмска раководителка на Асоцијацијата ХЕРА, по повод 26 Септември, Светскиот ден на контрацепцијата и 28 Септември, Меѓународниот ден на безбедниот абортус.

    Нивните анализи покажуваат дека 36 отсто од момчињата и 3 отсто од девојчињата на 15-годишна возраст веќе имале сексуално искуство. Заштитениот сексуален однос е пракса кај само 20 отсто од девојчињата и 62 отсто од момчињата меѓу албанското население и кај 64 отсто од момчињата и 52 отсто од девојчињата меѓу македонското население. Од младите парови до 29-годишна возраст, само 12,8% користат модерно контрацептивно средство. Како последица на тоа, вели Матевска, стапката на непланирана тинејџерска бременост е речиси трипати повисока од просекот на Европската Унија. Според Европскиот атлас наконтрацепција, Македонија е оценета со 46,9 % и котира меѓу земјите во црвена боја, заедно со земји како Грција, Хрватска, Црна Гора, Русија, Белорусија, Турција и Унгарија.

    „Во Македонија бројките не се најидеални, но треба да сме до некаде задоволни, затоа што во однос на минатото, имаме подобрување. Јас тоа пластично го објаснувам, имате една вага, и на едната страна се контрацептивите, на другата е прекинот на бременоста. Колку повеќе земјата употребува контрацептиви, колку повеќе младите знаат да се заштитат , толку ќе се намали бројката на абортуси“, кажа д-р Тофоски.

    Говорејќи за медикаметозниот абортус, тој кажа дека на ГАК се користи во 80 отсто од случаите, останатите проценти отпаѓаат на хируршката интеревенција, а според Светската здравствена организација (СЗО), абортусот со апчиња е најбезбеден.

    „Лековите за абортус не се регистрирани во Македонија, Клиниката ги увезува како интервентен увоз. Не може Министерството за здравство да го регистрира, мора некоја фирма преку Агенцијата за лекови МАЛМЕД. Имаше една фирма, почна, но застана процесот. Се работи всушност за два лека. Едниот дел се дава од страна на едуциран здравствен кадар и пациентката го прима на ГАК, а вториот дел во домашни услови, со претходни знаења  во кој случај би требало да се јави кај здравствено лице на ГАК. Тоа е помалце од 1 отсто, во 99 отсто од пациентките успешно ја завршуваат процедурата во домашни услови, но претходно едуцирани“, рече проф. д-р Тофоски.

    Бременоста до 12. недела може да се прекине со апчињата во домашни услови, а од 12 до 22 недела, пациентките лежат еден ден на Гинекологија.

    Матевска потенцираше дека ниту едно од малкуте достапни модерни контрацептивни средства во земјава не е на позитивната листа на лекови. Од друга страна, иако буџетот за бесплатна модерна контрацепција за девојки и жени во ранливи ситуации предвиден со Превентивната програма за мајки и деца се зголеми од 100 илјади денари во 2022 година на 500 илјади денари, годинава бесплатна контрацепција добиваат само жените кои живеат во Скопје и тоа само преку ГАК.

    Д-р Тофоски рече дека се надева оти со најавеното ажурирање на позитивната листа на лекови, на листата ќе се најдат баем две контрацептивни средства, комбирината орална контрацепција и интраутерини влошки (спирали ) кои ги користат почесто жените кои веќе родиле или се во брак.

    Тофоски и Матевска апелираа дека во земјава е неопхдно сексуално образование, и тоа да се следат препораките на СЗО, да се почне уште пред 14 години, со едукативни пораки кои се адаптирани за возраста.

    Според Матевска,  сексуалното образование значи како да кажеш „не“ на она однесување што не ти се допаѓа.

    „Како да го одбиеш притисокот од средината за рано стапување во сексуални односи? Сексуалното образование на некој начин ги подготвува младите како дури и да го одложат можеби првиот сексуален однос, што поради притисок на врсници може да биде избрзан и многу често, незаштитен“, кажа таа.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира