БЕСПЛАТНО Е ЛЕКУВАЊЕТО ВО СТРАНСТВО НА ПОВРЕДЕНИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ, НЕМА ПОТРЕБА ОД СОБИРАЊЕ ПАРИ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ, РЕЧЕ ТАРАВАРИ

    БЕСПЛАТНО Е ЛЕКУВАЊЕТО ВО СТРАНСТВО НА ПОВРЕДЕНИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ, НЕМА ПОТРЕБА ОД СОБИРАЊЕ ПАРИ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ, РЕЧЕ ТАРАВАРИ„Нема потреба за шпекулации и невистини. Можеби во некоја држава, но генерално 99 отсто во лекувањето во сите болници е бесплатно“, рече Таравари. (Фото: К. Попов)

    Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека е бесплатно лекувањето на повредените во пожарот во Кочани во 99 отсто од болниците во странство и нема потреба никој да собира пари.

    На денешната прес-конференција пред Ургентниот центар на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“, на новинарско прашање дали е бесплатно лекувањето, бидејќи на социјалните мрежи се шират апели да се донира преку трансакциски сметки за повредените, Таравари одговори:

    „Генерално во 99 отсто, сигурни сме дека е бесплатно лекувањето и нема потреба никој да собира пари. Како Влада обезбедивме и за по двајца членови на семејство да патуваат, да им плати Владата, плус сместувањето во сите држави. Нема потреба за шпекулации и невистини. Можеби во некоја држава, но генерално 99 отсто во лекувањето во сите болници е бесплатно“, рече Таравари.

    Во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март загинаа 59 лица, меѓу кои шестмина малолетници. Во моментов 162 лица се на лекување во болниците во Македонија, откако вчера 3, а денес 10 пациенти од скопските болници се пуштени на домашно лекување. Моментално во Клинички центар се хоспитализирани 25 пациенти, во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ се 12 пациенти, во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ 11 пациенти и во Клиничка болница Штип 1 пациент, а во приватните болници има 9 пациенти.

    На лекување надвор од државата се 115 пациенти. Во Србија се 30 пациенти од кои двајца се екстубирани, во Бугарија 15 пациенти од кои што тројца веќе се екстубирани, сите се во стабилна состојба а некои се покритични, во Грција 12 пациенти од кои двајца критични, во Турција веќе 6 од пациентите се екстубирани. Во Шпанија се 7 пациенти, во Австрија 5 пациенти и двајца од тие пациенти се префрлени на оддел.

    Во Унгарија се хоспитализирани 6 пациенти, од кои веќе еден е фебрилен и еден со кашлица, а другите се во стабилна состојба, во Хрватска се 5 пациенти, еден е интубиран стабилен, а другите 4 се сосема стабилни. Во Словенија се 4 пациенти од кои 3 се во посериозна состојба, во Литванија 4 пациенти од кои едниот е веќе екстубиран, Белгија 4 пациенти во стабилна состојб.

    „Во Италија 4 пациенти кои се веќе на нога и можеби идната недела ќе зборуваме за протоколи за враќање на овие пациенти. Во Шведска се 4 пациенти од кои 2 во сосема стабилна состојба и во Полска се двајца пациенти од кои само едниот е интубиран“, рече Таравари.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира