Граѓанството мора да биде гласно, мора да стане сила за да нема вака бришан простор за еднопартиско самоволие во државата, рече поранешниот вицепремиер и министер за надворешни работи Никола Димитров на вчерашната промоција на невладината организација „Солуција“. Димитров рече дека целта на „Солуција“ е деполитизација на државата, поставување вистински луѓе и професионалци на функции, а не партиски кадри.
„Во 2017 ја сменивме власта, но системот не. Партизацијата е главен проблем во државата. Образованието, здравството и администрацијата не треба да зависи од тоа кој ќе победи на избори. Потребна е граѓанска платформа која ќе биде гласна и ќе турка кон мерит и професионализам. Ни велат дека сме биле малцинство ние што сакаме ред, средена држава и здрави и функционални институции. Што замислуваме независен суд, школи и болници водени од кадарни луѓе. Па ајде да видиме колку сме, не знаеме дали сме малку”, рече Димитор на промоцијата.
Гости на Димитров на панел-дискусија за справување со корупцијата и клиентелизмот му беа поранешниот американски амбасадор и висок функционер во Стејт департментот Филип Рикер, кој сега е во консултантската компанија „Олбрајт Стоунбриџ Груп“, германскиот експерт за владеење на правото Рајнхард Прибе, автор на Итните реформски приоритети во 2015, и поранешниот грчки премиер Јорго Папандреу, сега пратеник во грчкиот парламент.
Прибе кажа дека без енергија од самото судство од внатре за промени нема да може ништо да се направи. Потребно е притисок од надвор, но промените секогаш доаѓаат од внатре.
„Потребни се вистински луѓе на функции. Вие сте мала земја и тоа е проблем, не може да има голем избор за професионални луѓе за одредена фунција“, рече Прибе.
Филип Рикер кажа дека земјава секогаш ќе има помош и поддршка од САД, но до нас е спроведувањето на реформите и од нас зависи во каква држава ќе живееме.
На промоцијата говореа и Кристина Ампева од „Гласен текстилец“, Александар Тасевски, претседател на синдикатот на контролата за летање, кој раскажа за борбата против вработувањето на партиски кадри како контролори на летање. Зборуваа и Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жените и Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија „Социетас цивилис“.
А. АНТЕВСКА