БИТОЛЧАНЕЦОТ ОД ЗАНЗИБАР Е ВО СТРУГА ОТИ ИМААТ ВРВЕН ЦЕНТАР ЗА ДИЈАЛИЗА, А ЖЕНА МУ Е СТАБИЛНА ВО „8 СЕПТЕМВРИ“, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА БОЛНИЦАТА КОСТОВ

    БИТОЛЧАНЕЦОТ ОД ЗАНЗИБАР Е ВО СТРУГА ОТИ ИМААТ ВРВЕН ЦЕНТАР ЗА ДИЈАЛИЗА, А ЖЕНА МУ Е СТАБИЛНА ВО „8 СЕПТЕМВРИ“, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА БОЛНИЦАТА КОСТОВБолницата „8 Септември“ од почетокот на коронакризата е главен ковид-центар во земјава. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Не е точно дека нема место за 65-годишниот битолчанец кој патувал во Занзибар во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје, туку со колегите од Битола се договоривме да се лекува на Нефрологија во Струга, оти таму имаат врвен центар за дијализа, а нему му е потребна дијализа, вели директорот на Болницата, д-р Христијан Костов.

    Битолчанецот кој претходно престојувал со сопругата во Занзибар, Африка, со позитивен тест на коронавирус од понеделникот е хоспитализиран во Специјализираната болница за нефрологија, Струга, но од таму велат дека во Скопје не сакале да го примат оти во „8 Септември“ немало место.

    „Инсистиравме да биде однесен во болницата ‘8 Септември’ во Скопје, но ни одговорија дека немаат место. Сè уште не се јавени за прифаќање на пациентот. И денес ќе пратам порака. Не можеме да го оставиме без лекарска грижа“, рече директорот на Специјализираната болница за нефрологија – Струга, д-р Александар Попоски.

    Неговиот колега д-р Костов вели дека никој не му јавил дека на пациентот му е влошена состојбата, но дека ако побараат, секако дека ќе го примат.

    „Моите информации се дека лицето нема изразени симптоми на ковид-19, туку дека има проблеми со бубрезите и добива терапија. Неговата сопруга е хоспитализирана кај нас, таа има поизразени симптоми на ковид-19, но е во стабилна состојба. Испративме брис во МАНУ, па ги очекуваме резултатите да видиме дали станува збор за јужноафриканскиот сој на вирусот“, ни изјави д-р Костов.

    Болницата „8 Септември“ во Скопје од почетокот на коронакризата, веќе една година, е главен ковид-центар во земјава, и како што вели директорот, дневно имаат по 240 прегледи, а веќе три месеци континуирано зафатени се по околу 80 кревети само за ковид пациенти.

    „Ако вака продолжат да растат бројките, пак ќе мора да затвораме оддели, да отвораме оддели само за ковид пациенти и да ги откажуваме редовните приеми“, вели директорот.

    Јужноафриканскиот сој (Б.1.351) е пронајден во најмалку 20 држави. Се појавил во октомври и има потенцијално позначајни промени во шилестиот протеин. Тоа вклучува мутација наречена Е484К, која му помага на вирусот да ги избегнува антителата во имунолошкиот систем.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира