И БЛИСКИТЕ НА КРИМИНАЛЦИТЕ ВО БЕГСТВО ТРЕБА ТАЈНО ДА СЕ СЛЕДАТ, БАРААТ ОБВИНИТЕЛИТЕ

    И БЛИСКИТЕ НА КРИМИНАЛЦИТЕ ВО БЕГСТВО ТРЕБА ТАЈНО ДА СЕ СЛЕДАТ, БАРААТ ОБВИНИТЕЛИТЕПримената на ПИ-мерките во потрага по избегани наши сторители на тешки кривични дела во т.н. ФАСТ-случаи, треба да се прошири и на лицата со кои избеганото лице контактира, членовите на неговото семејство, блиски, па и интимни нивни пријатели - потерницата по избеганите осомничени Грујевски и Бошкоски

    Тимот во МВР за потрага по бегалци од законот, со кратенка на англиски ФАСТ, преку кој што обвинители и судии од светот се обраќаат до овдешни обвинители и судии, за лоцирање, апсење и екстрадиција на криминалци од странство, бара поширока примена на посебните истражни мерки (ПИ-мерки).

    „Примената на ПИ-мерките во потрага по избегани наши сторители на тешки кривични дела во т.н. ФАСТ-случаи, треба да се прошири и на лицата со кои избеганото лице контактира, членовите на неговото семејство, блиски, па и интимни нивни пријатели, бидејќи следењето на неговите комуникации е залудно. Тие не се откриваат, не може да ги фатите преку нивните мобилни телефони, но лесно е ако ги насочите ПИ-мерките кон трети лица, на кои лицето им се јавува и контактира додека е во бегство“, рече директорот на Одделот за потрага во МВР Сашо Стојановски, кој е и шеф на ФАСТ-МКД, на работна средба со судии, обвинители од СЈО и од редовното Јавно обвинителство и инспектори од МВР.

    На средбаташто се одржа вчера во Скопје беше и полковникот во Италијанската полиција Фабио Инаморати, раководителот на проектот во Македонија за меѓународна соработка во борбата против криминалот Сара Сомарива.

    „Посебните истражни мерки треба да ги побара обвинителот до судот, а надлежниот судија да ги одобри. „По завршувањето на потрагата, законска обврска би била материјалот од следењето на луѓето блиски до бараниот криминалец, да се избришат, т.е. уништат. Материјалот да не може да се искористи за отворање друга истрага и никако за кривичното дело за кое се гони бегалецот, туку само за негово наоѓање и крај. За ништо дополнително“,  објасни Стојановски од МВР.

    Од СЈО не знаат судиите како ќе изреагираат на барање за ПИ-мерки на трети лица. –
    Специјалната обвинителка Ленче Ристоска на денешната работна средба; Директорот на Одделот за потрага во МВР Сашо Стојановски покажува фотографија од екстрадицијата на Миле Хаџиски, долгогодишен бегалец од правдата (Фото: СДК.МК)

    Судиите кои бараа да останат анонимни, рекоа дека ЗКП и вака овозможува во текот на истрагата и пред да биде изречена пресудата, да се применат посебни истражни мерки и на трети лица околу криминалецот по кој се трага. На прашање на Стојановски дали би потпишале такво барање од обвинител, присутните судии рекоа: „Да, без размислување и во секое време, само ако барањето е законски поткрепено“.

    Обвинителката Ленче Ристоска од СЈО, за кое што се недостапни главните обвинети за нелегалното прислушување Горан Грујевски и Никола Бошкоски од случаите „Тврдина“ и „Таргет“, рече дека исклучително важно е за Обвинителството овие две лица да бидат најдени.

    Ако бидат осудени во отсуство, вели таа, ресурсите за враќање на лица по изрекување на пресудата, се ограничени.

    „Постоечкиот закон дава можност за примена на ПИ-мерки на трети лица за да се открие лицето во бегство, но досега немало ваква пракса, па ако поднесеме такво барање до судот, не знаеме судиите како ќе изреагираат“, рече Ристоска им му даде поддршка на Стојановски во иницијативата за законските измени.

    Поддршка даде и колешката од ОЈО-Скопје Катерина Коларевиќ, која праша, додека ние ги користиме таквите услуги од колегите обвинители во странски држави за наши барани криминалци во странство, што ќе им речеме кога тие ќе побараат ПИ-мерки за лоцирање на криминалци кои тие ги бараат во нашата држава.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира