БО БРИСЕЛ РАЗГОВАРАА ЗАЕВ И РАДЕВ, СЕ ДОГОВОРИЈА ЗАЕВ ДА ОДИ ВО СОФИЈА НЕДЕЛАВА

    БО БРИСЕЛ РАЗГОВАРАА ЗАЕВ И РАДЕВ, СЕ ДОГОВОРИЈА ЗАЕВ ДА ОДИ ВО СОФИЈА НЕДЕЛАВАПремиерот Заев на Самитот на НАТО во Брисел. (Фото: Влада)

    Премиерот Зоран Заев денеска на Самитот на НАТО во Брисел се сретна со бугарскиот претседател Румен Радев и, според владиното соопштение, разговарале за перспективата за постигнување на реален исчекор во процесот на европската интеграција на Република Северна Македонија. На средбата беше договорена посета на премиерот Заев на Софија, која е предвидена да се случи оваа недела, додадоа од Владата.

    Покрај Заев и Радев, на средбата присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, како и бугарскиот министер за одбрана Ѓеорги Панајотов.

    „Претседателот на Република Бугарија Румен Радев ја подвлече принципиелната и континуирана поддршка за иднината на Република Северна Македонија во ЕУ, како и очекувањето на Бугарија за непосреден и активен политички дијалог низ кои ќе бидат разрешени отворените прашања во меѓусебните односи. И Румен Радев и Зоран Заев го истакнаа позитивниот знак во односите меѓу двете земји, што шефовите на државите на Република Бугарија и на Република Северна Македонија го постигнаа со нивната заедничка посета во мај на Рим и Ватикан, за да им оддадат почит на светите браќа Кирил и Методиј“, се вели во соопштението од средбата.

    На средбата била истакната и заедничката волја за постигнување одржливи резултати во градењето добрососедски односи меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, за исполнување на очекувањата на граѓаните во двете земји.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира