БОЛНИТЕ ОД КОВИД СО САМО СТОМАЧНИ СИМПТОМИ РЕТКО СЕ ТЕСТИРААТ И ГО ШИРАТ ВИРУСОТ

    БОЛНИТЕ ОД КОВИД СО САМО СТОМАЧНИ СИМПТОМИ РЕТКО СЕ ТЕСТИРААТ И ГО ШИРАТ ВИРУСОТЗемање брис за тест за коронавирус на паркинг пред лабораторија. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Болните од ковид кои имаат само стомачни проблеми често се примаат во болница без да се тестираат и стануваат извори на ширење на коронавирусот, вели д-р Дафина Николова од Универзитетската Клиника за гастроентерохепатологија. На онлајн дебата на Лекарската комора, таа кажа дека најчест гастроинтестинален симптом кој го добиваат пациентите е дијареја која се јавува кај 30% од инфицираните, потоа следува губење на апетитот кај 26.8% од пациентите, а помал процент од пациентите чувствуваат и гадење и/или повраќање (3.9-10.1%), како и абдоминална болка/дискомфорт (1.1-2.2%).

    „Потребно е високо ниво на свесност кај клиничарите, бидејќи овие пациенти се хоспитализираат во не-КОВИД центри што може да претставува опасност за останатите пациенти и персоналот. Лекарите треба да бидат внимателни и да не ги потценуваат или занемаруваат раните и благи гастроинтестинални симптоми и да се сомневаат на можна ковид-19 инфекција, дури и кај пациенти со претходна постоечка гастроинтестиналнa болест“, вели д-р Николова.

    Претседателката на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева-Старделова, рече дека во третманот на пациентите со ковид-19 се забележани случаи на обилни крварења во гастроинтестиналниот систем и кај пациентите кои немале претходно заболување.

    „Имавме случај на 17-годишна пациентка со обилно крварење од ректумот, која на клиниката беше донесена во многу тешка состојба со потреба веднаш да се даде трансфузија на крв. Пациентката добро реагираше на лекувањето и крварењето беше запрено. Вакви случаи на гастроинтестинални крварења сè почесто сретнуваме, без наод на видлива причина за крвозагуба, па се смета дека крварењето настанува како последица на Ковид-19 вирусот и примената терапија за негово лекување, пред се антикоагулантана терапија“, објасни проф. д-р Гривчева Старделова.

    Во однос на вакцинацијата на пациенти со воспалителни цревни заболувања генерална препорака е дека пациентите треба да се вакцинираат кога ќе имаат прилика за тоа. Одложување на примањето на вакцина треба да се направи само ако болеста е во фаза на влошување.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира