БОЛНИТЕ СО РАК НА КОЖА И ЗДРУЖЕНИЈАТА НА ПАЦИЕНТИ БАРААТ ВИСТИНСКА АКЦИЈА ЗА НАВРЕМЕНА ДИЈАГНОЗА И ЛЕКУВАЊЕ

    БОЛНИТЕ СО РАК НА КОЖА И ЗДРУЖЕНИЈАТА НА ПАЦИЕНТИ БАРААТ ВИСТИНСКА АКЦИЈА ЗА НАВРЕМЕНА ДИЈАГНОЗА И ЛЕКУВАЊЕ„Потребни се вистински акции од институциите и реално спроведување на најавената стратегија , бидејќи вака само зборуваме што ќе правиме, а состојбата не е променета“, рече Биба Додева, претседател на здружението за борба против ракот „Борка“

    Пациентите болни од карцином и здруженијата на пациенти бараат вистински акции за обезбедување навремена дијагноза и терапија. Тие на вториот национален симпозиум за меланом, кој се одржа вчера вечер во Скопје, кажаа дека се загрижени бидејќи се случува да недостига терапија и соодветни тестови за навремено откривање на болеста.

    Биба Додева, претседател на Здружението „Борка“, кажа дека се случува во одредени периоди да има недостиг од терапијата за метастатски меланом, која се дава кај пациентите кај кои не е можно оперативно лекување. Дел од оваа терапија, како што кажа Додева, почна да се набавува во јули 2016 година, а дел во март 2017 година преку специјална програма на Агенцијата за лекови.

    „Загриженоста на пациентите доаѓа од таму што во неколку наврати се јавуваше недостаток на терапијата, поради завршување на донацијата. Во периодот кога обврската за набавка на лековите се префрли од Агенцијата за лекови на Клиниката за онкологија, така и во последно време кога постапката за набавка на Клиниката за онкологија во декември 2017 беше прекината, иако постои заложба да се обезбедат додатни средства наменети за иновативна терапија, вклучувајќи и третман на пациентите со метастатски меланом од страна на Клиниката за онкологија“, рече Додева.

    Таа кажа дека друг загрижувачки момент е тоа што не сите пациенти прават БРАФ тестирање, и дека многу од нив не се ставени на потребната терапија согласно новите препораки за лекување на меланомот.

    „Поради потешкотијата во дијагноза и поради немање јасен консензус за водење на контрола на високо ризични пациенти, многу пациенти ја изгубија битката со болеста. Потребни се вистински акции од институциите и реално спроведување на најавената стратегија, бидејќи вака само зборуваме што ќе правиме, а состојбата не е променета“, рече Додева.

    Д-р Нино Васев, директор на Клиниката за онкологија, кажа дека на Онкологија има доволно лекови кои се даваат на пациентите со меланом, а кои не се на позитивната листа на лекови. Според него во случајот на пациенти со овој вид рак на кожа за успешно лекување на болеста поважно е навременото откривање на болеста.

    „Во тоа треба да се вклучат и матичните лекари и кожните лекари и лекарите од Клиника за пластична и реконструктивна хирургија. Пристапот треба да биде мултидисциплинарен за да има поголем број пациенти со добри резултати. Македонија нема проблем со БРАФ тестирање, и ова тестирање е задолжително пред да дојдат кај нас на третман“, рече Васев.

    Срѓан Пешевски, кому пред осум години му бил дијагностициран меланом, кажа дека во неговиот случај болеста била навреме откриена и дека почнало со хируршко отстранување на карциномот.

    „Во наредните три години на секои три месеци одев на контрола, а потоа ми открија сенка на левото белодробно крило и ми го отстранија. Беше утврдено дека е метастаза на првичниот рак, а веќе две години сум пациент на Клиниката на онкологија, каде со соодветна терапија. Сакам на сите да им порачам дека е многу важно навреме да се открие болеста и да не се прекине терапијата“, рече Пешевски.

    Според податоците од системот за електронско закажување МојТермин годинава се регистрирани вкупно 480 пациенти со меланом, а најмладиот има 13 години. Според податоците од лекарите над 50 отсто од случаите се откриваат во доцна фаза, кога и можноста за излекување е помала.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира