БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ СЕ СНАОЃА СО СТАР ТОМОГРАФ КОЈ ИМ ГО ОСТАВИЛ ЖАН МИТРЕВ КОГА ЈА СЕЛЕЛ „ФИЛИП ВТОРИ“

    БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ СЕ СНАОЃА СО СТАР ТОМОГРАФ КОЈ ИМ ГО ОСТАВИЛ ЖАН МИТРЕВ КОГА ЈА СЕЛЕЛ „ФИЛИП ВТОРИ“Oдделениетo за трауматологија, што беше празнично отворено со голема политичка помпа лани пред 8 Септември, проработе „од немајкаде“ за да ги згрижи повредените патници од автобуската несреќа на 13 февруари. Болничкиот дел работеше само десетина дена, а двете сали не се во функција истовремено и секој работен ден; - Траума одделението ден по несреќата во Ласкарци кога повредените ги посети премиерот Заев (Фото: К. Попов)

    Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје мораше да стави во употреба стар компјутерски томограф кој е наменет само за итни случаи и само за пациентите кои таму се хоспитализирани, откако пред десетина дена се расипа и вториот апарат, па болницата остана без овие уреди за дијагностика. Директорот на „8 Септември“ д-р Кристијан Костов вели дека овој апарат го наследиле откако Владата лани ѝ одобри на болницата да го преземе просторот каде што претходно беше сместена приватната болница „Филип Втори“ на Жан Митрев и кој беше планиран да биде нов модерен Траума центар.

    „Откако го презедовме просторот имаше оставено стари апарати, кои кога си заминале ги оставиле. За да обезбедиме соодветно следење, пред сè на пациентите кои се кај нас хоспитализирани и за итни случаи, го ставивме во употреба овој апарат. Но и кај него цевката е скоро потрошена, па не знаеме до кога ќе работи“, вели д-р Костов.

    Според податоците од електронскиот систем за јавни набавки, болницата на 13 март распишала оглас за поправка само на еден од двата компјутерски томографи во вредност од 6 милиони денари.

    „Набрзо ќе заврши и набавката за поправка на едниот томограф за кој добивме авансно средства за нашиот буџет од Фондот за здравствено осигурување“, вели д-р Костов.

    Тој рече дека презеле вакви мерки за да обезбедат услови за работа, откако пред десет дена се потроши рендген цевката и на вториот компјутерски томограф, а првиот престана да работи десетина дена по автобуската несреќа кај Ласкарци. Во несреќата што се случи на 13 февруари кај Ласкарци и во која загинаа 16 патници, во „8 Септември“ беа третирани над триесет повредени.

    „Сите повредени што беа донесени кај нас на лекување се веќе пуштени дома и се во добра состојба“, вели д-р Костов.

    Сепак, дел од патници што на 13 февруари беа примени со политрауми и веќе се на домашно лекување остануваат пациенти на оваа болница. Тие треба да се вратат на дополнителни хируршки интервенции кои веднаш по несреќата не биле итни, но природата на повредите не дозволува со операциите да се одолговлекува до недоглед.

    Лани, непосредно пред Денот на независноста 8 Септември, свечено беше пуштен во употреба новиот траума оддел, а болницата се откажа од отворање на Траума центар поради недостиг од лекари, главно специјалисти анестезиолози, неврохирурзи и медицински сестри. На свеченото отворање, покрај повеќемина владини претставници, беа и премиерот Зоран Заев со сопругата Зорица, која токму во оваа болница имаше ортопедска интервенција со нова метода со матични клетки. На свеченоста по повод отварањето  премиерот рече дека овој оддел е направен по најмодерни стандарди и дека се очекува во него годишно да има и над 2.000 пациенти. Поради недостиг од лекари и медицински сестри, половина година во одделот во функција беа само операционите сали, а болничкиот дел се наполни само по несреќата кај Ласкарци кога поради недостиг на легла на другите одделенија, таму беа згрижени повредените патници.  Сега болничкото одделение повторно не работи.

    Директорот Костов вели дека во новиот траума оддел сега работат и двете хируршки сали. Но, поради недостиг на кадар и тие не се во функција истовремено и секој работен ден.

    Неодамна болницата доби одобрение да вработи 20 медицински сестри за да може да проработи и болничкиот оддел.

    Министерот за здравство Венко Филипче во средата во интервју на ТВ Телма рече дека одделот ќе може целосно да проработи дури после претседателските избори, затоа што не смее да се распишуваат огласи за државна плата во предизборниот период.

    Според директорот на болницата Костов, од 360 кревети со колку располага „8 Септември“ 320 се зафатени, а цевките на компјутерските томографи  се потрошиле од преоптовареност, поради големиот број пациенти кои во оваа здравствена установа доаѓаат од целата земја.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари