БОНЕВА ЌЕ ДОКАЖУВА ДЕКА НЕ Е РЕКОРДЕР ПО ПАТНИ ТРОШОЦИ НА СУДЕЊЕТО ЗА ЛАЖНИТЕ ПАТУВАЊА

    БОНЕВА ЌЕ ДОКАЖУВА ДЕКА НЕ Е РЕКОРДЕР ПО ПАТНИ ТРОШОЦИ НА СУДЕЊЕТО ЗА ЛАЖНИТЕ ПАТУВАЊАСилвана Бонева е обвинета дека во Собранието лажно поднесувала фискални сметки од патарини за 904 патувања од Струмица до Скопје и обратно. (Фото: СДК.МК)

    Поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева најави дека пред судот и пред јавноста ќе докаже дека не е рекордер во земање патни трошоци, откако денеска почна судењето во кое таа е обвинета дека во Собранието лажно поднесувала фискални сметки од патарини за 904 патувања од Струмица до Скопје и обратно.

    „Со приложените 6.967 докази и 28 сведоци ќе докажам и пред судот и пред јавноста дека обвинението покренато против мене е невистинито и паушално, исто како што беа големите лаги дека сум рекордер во земање патни трошоци“, изјави Бонева по денешното рочиште.

    Основното јавно обвинителство Скопје ја гони за кривичното дело Измама и во обвинението се вели:

    „Обвинетата во периодот од 01.01.2011 до 16.12.2015 година, како службено лице – пратеник во Собранието на Република Македонија, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, сторила повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, притоа искористувајќи ист траен однос и прилики. Имено, таа до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања заради присуство на седници во наведениот период, со што го довела во заблуда овластеното лице во Собранието да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен вкупен износ од 6.458.551 денари“.

    Понатаму во обвинението се вели дека таа од почетокот на 2011 година имала сместување – станови во Скопје и не патувала за присуство на секоја седница на Собранието на релација од Струмица до Скопје и обратно, а лажните фискални сметки биле обезбедени од други лица кои патувале и потоа овие фискални сметки ги приложувала кон налозите за службени патувања.

    Бонева не е рекордер меѓу пратениците за патни трошоци. Во периодот од 2010-2019 година, повеќе пари за патни трошоци од Бонева земале нејзините сопартијци, Драган Цуклев и Лилјана Затуровска, по 153 илјади евра. Бонева е трета на листата за овој период, со 128 илјади евра, според податоците од владината база на податоци „Отворени финансии“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира