БРИТАНСКИОТ СОЈ НА КОВИД-19 НАЈЗАСТАПЕН ВО ОХРИД И ПРИЛЕП, ВО МАНУ ДОСЕГА ОТКРИЕНИ ВКУПНО 45 ЗАРАЗЕНИ

    БРИТАНСКИОТ СОЈ НА КОВИД-19 НАЈЗАСТАПЕН ВО ОХРИД И ПРИЛЕП, ВО МАНУ ДОСЕГА ОТКРИЕНИ ВКУПНО 45 ЗАРАЗЕНИПрвиот пациент со овој тип на вирус во МАНУ е дијагностициран на 13 јануари во Охрид. (Фото: СДК.МК)

    Во примероци на 45 заразени лица во периодот од 1 јануари до 7 февруари, во лабораторијата на МАНУ е утврден британскиот сој на ковид-19, соопшти Министерството за здравство. Оттаму велат дека првиот пациент со овој тип на вирус во оваа лабораторија е дијагностициран на 13 јануари во Охрид и оттогаш неговата застапеност прогресивно се зголемува. Во моментот, оваа варијанта на вирусот е најфреквентна во Охрид и Прилеп, а е присустен и кај одредени пациенти во други градови: Тетово, Струга, Куманово, Штип, Велес.

    „Овие резултати се базираат на скрининг за присуство на 2 мутации кои го карактеризираат овој сој на најголем дел од новозаразените пациенти дијагностицирани во оваа лабораторија (&гт;400), како и со секвенционирање на целите геноми на вирусите детектирани >50 од овие пациенти“, соопшти Министерството.

    Анализите на МАНУ не утврдиле присуство на британскиот сој на вирусот кај вработените на Клиниката за нефрологија каде за краток временски период беа заразени повеќе здравствени работници.

    На 27 јануари, Министерството објави дека мутација на британскиот сој на ковид-19 е детектирана кај оздравен 46-годишен маж од ковид-19, при анализа на податоци во приватна лабораторија за генетика и персонализирана медицина на Клиниката „Жан Митрев“. Во базата на податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) пациентот од 22 јануари 2021 се води како оздравен.

    Новиот сој на коронавирусот прво се забележа во Велика Британија и се покажа дека побрзо се шири, но здравствените власти уверуваат дека вакцините против ковид-19 се ефикасни и против мутациите.

    „Британскиот сој на коронавирусот ќе стане доминантен со оглед на тоа дека полесно се пренесува. Според податоците се пренесува за 70 отсто побрзо. Така на пример ако би требало да се заразат 10 луѓе, ќе се заразат 17”, рече на 28 јануари д-р Горан Кунгуловски од „Жан Митрев“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира